Home » Завршен митинг на Ванковска: Ние сме единствени кои сме антиестаблишмент

Завршен митинг на Ванковска: Ние сме единствени кои сме антиестаблишмент

by Журнал.мк

Претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска денес во Скопје го одржа завршниот митинг од претседателската кампања. На митингот освен Ванковска се обратија и Димитар Апасиев, претседател на Левица и носител на листа на ИЕ1, како и Катерина Јовановска и Дарко Ристовски, кандидати за пратеници во ИЕ1 и Дарја Мустафаоглу, кандидат за пратеник во ИЕ 2.

-Пред само три месеца во оваа сала бев претставена како претседателски кандидат на Левица. Еве сум денес тука на крај на кампањата, но тоа е само првиот дел. Заедно ќе го изодиме патот со Левица до крај на кампањата. Мислам дека после дебатата целиот народ ќе види која е разликата меѓу нас и нив. Ние сме единствени кои сме антиестаблишмент – рече Ванковска на почетокот од своето обраќање.

Во својот говор кажа дека таа и Левица се обидуваат да го вратат достоинството, да ја зборуваат вистината и да ги менуваат нештата.

-Имате среќа што јас немам логореа и нема да ве удавам со предавања. Речиси и да нема што не сум кажала. Се за што се залагам го апсорбиравме на почетокот. Ако моите противкандидати не беа кукавици до самиот крај да бегаат од дебати можеби и ќе имаше дебата – рече Ванковска.

Во својот говор се задржа на дебатата со нејзините противкандидати и истакна дека она што е наречено дебата всушност не било претседателска дебата. Истакна дека ги прашувале за програми за млади, за антикорупција и за теми што не се врзани со претседателски надлежности.

-Се обидов да го обелам образот и вас и себе си. Јас немам програми за млади затоа што младите мене ме направија претседателски кандидат. Најмладата популација ми собра потписи, оние што сакаат да останат овде. Роните солзи над младите, јас ги собрав околу мене и сите сме во борба – рече Ванковска.

Во своето обраќање објасни дека нејзините противкандидати на дебатата не дале јасни одговори или воопшто не дале одговори за односот кон ЕУ, НАТО, а особено за договорот со Бугарите и нивно впишување во Уставот.
На крајот од обраќањето рече: „Одиме во втор круг!, Ќе победиме!“​​​​​

– Сега сме тука да сумираме една исцрпна кампања која ја водиме од Пленумот наваму. Ние сме организација које е последна надеж на Македонците. Тоа е истовремено и еден голем товар. Во единицата очекуваме најмалку тројца пратеници, а на наредни избори двоцифрен број само од кецот. Привршува кампања во која бевме изложени на нефер услови, на бојкот. Но, ние левичарите не сме патетични. Можам да кажам дека Левица ќе изненади – истакна Апасиев.

Во својот говор рече дека тачевизмот е последниот стадиум на груевизмот и дека после Левица ќе нема место за СДС во левиот политички спектар. За СДС рече дека тие се одродени квазиинтелектуалци обучени на семинарите на Сорос. Тие го немаат народниот дух, за разлика од Левица која во себе го има народниот дух. За ВМРО рече дека до толку многу паднале што дошле на степен да кинат плакати на Левица. Направи и споредба на фолклорот на десницата и левицата и истакна дека фолклорот на десницата е лелекање и кукање, а фолклорот на левицата црвени знамиења и борба. На Мицковски му порача не треба мораториум на нападите на Левица туку мораториум за влез на Бугари во Устав, мораториум за амнестија и измени на кривичен законик со европско знаменце, мораториум за воведување на двојазичност, мораториум за хациендите…

Димитар Апасиев се осврна на Македонската платформа која ја нуди Левица за да може да коалицира со некоја од партиите по изборите. Како што рече Македонската платформа има пет точки: унитарност на државата, нема преговори за дводомен парламент, нема преговари за конститутивните елементи на нацијата, враќање на територијалната поделба и враќање на инсигниите на државата, знамето и грбот да бидат на цела територија на државата.

​​​​-Пратениците на Левица беа првите, а честопати беа и единствените кои даваа поддршка на барањата на работниците, на стечајците, на пензионерите – рече Катерина Јовановска, кандидат за пратеник. Истакна дека истите оние кои земаат апанажа не гласале за предлогот на Левица да земаат апанажа и работниците, како и тоа дека не го повлекле законот за 60 часовна работна недела, и покрај илјадниците амандмани на Левица, туку напротив го изгласале.

-Мене ми е јасно дека младиот човек не сака да биде манипулиран, па најсигурна опција му е да биде безнадежен дека воопшто нешто може да се подобри. Не заборавајте, не постојат безнадежни ситуации – постојат безнадежни луѓе. Срамно и крајно себично е да седиме со скрстени раце, кога млади на мои години и помлади од мене, со крв и по цена на живот се бореле во далеку потешки услови за да ни остане ова парче земја нас, за слобода на народот – рече Дарја Мустафаоглу, кандидат за пратеник во ИЕ2.

Пред присутните се обрати и Дарко Ристовски, кандидат за пратеник кој истакна:
-Да не заборавиме дека ова што го правиме сега со Левица е идеја за Социјалистичка Македонија, Идеја која почнува да се шири надвор од нашите граници. Ние стоиме во солидарност со нашите браќа и сестри ширум светот кои се борат против империјализмот, експлоатацијата и неправдата. Ја отфрламе лажната дихотомија на „ние наспроти нив“ и наместо тоа, ја прифаќаме идејата дека борбата на угнетените се меѓусебно поврзани и дека нашето ослободување е поврзано со ослободувањето на целото човештво. Додека гледаме кон иднината, да ја потврдиме нашата посветеност за градење општество кое е вистински од народот, за народот. Да продолжиме да се стремиме кон свет во кој секое дете ќе може да расте во безбедна и средина, каде што секое семејство има храна на масата и покрив над главата и каде секој човек ќе може да живее достоинствено и гордо.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More