Автомобилот на парламентарецот од Република Српска, Небојша Вукановиќ, кој е познат како еден од најострите критичари на режимот на Милорад Додик, бил запален во петокот вечерта пред неговиот дом во Требиње.
Вукановиќ на Фејсбук објави видео од надзорна камера, на кое се гледа како непознат маж во безбол капа се приближува до неговиот автомобил, истура течност врз него и го пали. Тој овој напад го нарече „мафијашка порака“ и директно ја обвини владејачката структура во РС за одмазда поради неговите политички ставови.
„Вината ја префрлам на Милорад Додик, премиерот Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание Ненад Стевандиќ, кои со денови водат валкана кампања против мене и ме ставаат на мета“, изјави Вукановиќ.
Инцидентот се случи откако Вукановиќ се врати од Бања Лука, каде што учествуваше на бурната седница на Народното собрание на РС. На таа седница, владејачкото мнозинство го усвои нацрт-уставот со кој Република Српска планира да ги дерогира овластувањата на БиХ како држава, што предизвика жестоки реакции од опозицијата.
Вукановиќ истакна дека постојано добива заканувачки пораки од приврзаници на режимот, а по нападот поднесе кривична пријава против Додик до окружното обвинителство во Бања Лука, обвинувајќи го за загрозување на неговата безбедност.
Полицијата спроведе истрага и се очекува да утврди дали може да го идентификува сторителот и нарачателот на нападот.