Комисијата за заразни болести нема најава за состанок по смртниот случај на пациентка од конго –кримска хеморагична треска. Иако оваа болест ја пренесува заразен крлеж и може да има трансмисија меѓу луѓе преку контакт со крв, здравствените власти со уверување дека се е под контрола и нема простор за паника. 29 лица се под здравствен надзор поради контакт со починатата жена и досега никој не добил некакви симптоми.
Освен убодите од крлежи, опасноста демне и од комарците. Во соседна Грција веќе регистрирале 11 случаи на западно нилска треска од кои двајца починале а заразата е регистрирана и кај двајца жители на Србија.
Годинава еден случај е евидентиран и во земјата, но тој е импортиран и заболена била жена која се вратила од Црна Гора. По појавата на симптомите таа поминала одреден период и на Клиниката за инфективни болести.
Во Македонија во периодот од 2011 кога ги имавме првите случаи до 2015 биле регистрирани 22 пациенти со западно нилска треска од кои тројца починаа.
-Првите симптоми по каснувањето од заразен комарец се јавуваат во периодот од третиот и 14тиот ден по убодот. Дури 80 проценти од оние кои биле каснати не пројавуваат никакви симптоми или пак поминуваат со лесна клиничка слика. Еден процент од пациентите завршуваат со компликации и воспаление на мозокот.
Освен прскањето против комарци, апелот до граѓаните е да носат соодветна облека со што помалку откриени делови од телото, да користат заштитни средства кои ги одбиваат комарците.