Home » За шест месеци 23 жени жртви на семејно насилство побарале помош во Центарот за поддршка во Кавадарци

За шест месеци 23 жени жртви на семејно насилство побарале помош во Центарот за поддршка во Кавадарци

by Журнал.мк

Дваесет и три жени жртви на семејно насилство побарале помош од регионалниот Центар за поддршка во Кавадарци за период од шест месеци годинава, потврди за МИА, Благица Коцева – Тодорова, претседателка на Здружението за родова еднаквост „Визија”, во чии рамки функционира и Центарот.

– Се работи за 23 жртви на семејно насилство од женскиот пол, од кои десет за прв пат се обратија за помош. Во Центарот, бесплатно, на располагање им се социјална работничка, правна советничка и психотерапевтка. Со три од нив се уште немаме остварено директен контакт, тие првично побараа советодавна помош и информации. Даваме помош на жени жртви на семејно насилство од Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман, околу две ипол години. Доколку ни се обрати жена која живее надвор од овие општини, преку совети и потребни контакти ја упатуваме и изнаоѓаме начин за помош и поддршка во кризни ситуции.Таков случај имавме со јавување на жителка од општина Гевгелија, која бараше помош за нејзината сестра, жртва на тежок облик на семејно насилство, рече таа.

Притоа појасни дека теренската работа подразбира придружба на една жена жртва на семејно насилство до надлежните институции со цел за запазување на нејзините права, надминување на чувството на осаменост и беспомошност пред надлежните институции, инсистирање за навремено реагирање и преземање на мерки кога се проценува ризик од повисок степен.

– Охрабрувачки е фактот што во периодот од последното тромесечје, зголемен е бројот на жени кои се охрабриле и побараа помош од наша страна.Посебно ги охрабрува фактот од заштитата која им ја овозможуваме во врска со пријавувањето на сторителите на насилство. Имено, повеќето од нив со години го прикривале насилството, било да се работи за брачен или вонбрачен партнер, од срам и несигурност како и од повеќекратното испитување и изложување на проблемот кај повеќе службени лица во текот на постапката, додаде таа.

Споделувајќи дел од покарактеристичните постапки, таа откри дека во еден случај жена собрала храброст за развод после 30 години живот во брак со насилник зависник од алкохол. Во друг случај, жена била жртва на сопругот насилник, но и на синовите долгогодишни зависници од алкохол и психотропни супстанци.

„Визија” раководи и со интервентниот центар од шест апартмани, што функционира шест месеци и во него може интервентно да бидат сместени лица жртви на семејно насилство и други лица во ризик.

За сите активности во советувалишниот центар за поддршка на жртви на семејно насилство, финансиска поддршка се обезбедува од четирите општини од регионот.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More