Има снег, патеките се добри, а работат и угостителите и хотелиерите, но до Попова Шапка се стига само со автомобил по не секогаш прооден пат и со големи шанси да не најдете паркинг.
Дури и еден турист од Германија кој го сретнавме на Попова Шапка вели дека мора повторно да има гондола од Тетово во Попова Шапка за подобар пристап до ски-центарот. Покриен со снег, но прооден. Така изгледа патот што води од Тетово до Попова Шапка во работен ден.
Преку викенд, сликата често е поинаква. Бидејќи нема паркинг кај скијачкиот центар, посетителите ги оставаат колите на патот, па снемува простор и за разминување на возилата. Дури и ако треба да помине возило на Итна помош.
Понеделнички, за среќа, имаше паркинг.
Првиот скијач на кој наидовме ги пофали патеките. Но, не и како стигнал до нив.
„Како што гледате, голем дел од патот е блокиран. Нагоре е исчистен колку-толку, ама пак е тешко да се качиш, освен ако имаш некоја кола како џип или нешто слично. Со кола тешко. Бевме со некои другари, едвај се качија нагоре. Треба повеќе да биде организирано, да се исчисти“, вели скијач.
Најдобар пример дека Шапка има што да понуди, но дека треба да се инвестира беше нашиот следен соговорник – турист кој ни се претстави како Мишел од Германија.
Поминал 1 600 километри до тука бидејќи му е евтино, но мисли дека последната делница, патот од Тетово, не треба да биде со автомобил.
„Целата ски-зона треба да се прошири. Пред сè, треба да се отвори гондолата, јас би рекол дека тоа е главниот проблем тука. Ние возевме по патот триесет минути, повеќе по снежно време. Денеска е понеделник, а за викендот тука имаше 1 000 автомобили и не се движеа, затоа мора гондолата да функционира“, вели германскиот турист.
Снегот годинава, сепак, беше доволна мотивација да се надминат сообраќајните гужви. Така се чини од сведоштвото на еден мал стопанственик кој со години издава ски-опрема.
„Да, годинава поради снегот имаме повеќе туристи и сега е добро што патеките се добро одржани.
Од каде доааѓат туристите?
„Повеќето туристи се од Албанија, Косово, Скопје, Турција, и од други земји“, рече изнајмувач на ски.
Дел од гостите, како Бленд од Косово, советува дека Шара треба да се развива не само за скијање и не само за зима.
„Кога луѓето доаѓаат на патеките, да користат повеќе автобуси, а не да доаѓаат со приватни автомобили и да прават метеж и колони. За снегот, за планините, не само за патеките, вреди да се дојде и во лето, не е само во зима, за планинарење, убаво е, вреди, а и наоколу е многу убаво, рече турист од Косово.
Раниот снег значеше и ран почеток на туристичката сезона. Но, потоа е клучно, додава Бесник Беќири, гостите добро да се пречекаат. И од угостителите и од државните институции.
„Сите што сме вклучени во секторите туризам, гастрономија, вклучително Националниот парк и Министерството за внатрешни работи, како и другите институции, мора да бидеме посветени на обезбедување подобро гостопримство за туристите кои доаѓаат кај нас од цела Европа, а може да се каже дури и од целиот свет“, рече угостителот Беќири.
Според Беќири, гостите од странство допрва ќе ги полнат хотелите и патеките на Шапка. Резервациите не се само од околните држави.
„Во моментот додека зборуваме, има голем прилив од Албанија и Косово. Сега зборуваме за туристи надвор од нашите граници, а имаме и од Германија, Швајцарија, Данска и Шведска. Но, сега од 20 јануари почнува најголемиот прилив на туристи од странство кои тука ќе бидат присутни малку подолг период бидејќи организираме ‘freeride ski’ со нашата опрема и со компанијата ‘Шар аутдорс’, а периодов ќе бидеме поангажирани и ќе имаме многу поголем прилив од земји надвор од нашите граници“, вели Беќири.
Туристи има и се задоволни од патеките. Но, за малку немало да биде така. Абдулгани Алији, новиот директор на ски-центарот кој е во сопственост на државната ЕСМ, вели дека имале големи проблеми со инфраструктурата до пред самиот почеток на ски-сезоната.
„Најмногу проблеми имавме со ски-лифтовите, не беа сервисирани, требаше да се завршат некои работи во текот на летната сезона. Ние ја презедовме функцијата во октомври и во тоа време почнавме со сервисирање, со техничкиот прием и пуштањето во употреба на хотелот кој не беше во употреба, хотелот „Славија“. Иако овој објект воопшто не е во употреба, уништен е, успеавме да го пуштиме хотелот „Славија“ и ги имаме сите ски-лифтови во употреба“, вели Алији.
Го прашавме Алији и за проблемите на кои најмногу се жалат гостите – патот и паркингот. Ни одговори дека за тоа е одговорна Општина Тетово и дека, според него, градоначалникот покажувал интерес да се надминат проблемите.
„По првпат Општината е заинтересирана и има направено урбанистички план. По долги години, немавме урбанистички план, а сегашниот градоначалник Билал Касами направи урбанистички план кој вклучува паркинзи и многу други работи. Освен тоа, многу ни помага и како ски-центар бидејќи ние е менаџираме од тука до ски-лифтовите, како и со хотелите што ги имаме. Мојот план во моментот е да го исчистиме патот, заедно со министерството и државните патишта, тие натаму ние наваму, и да имаме што повеќе места за паркирање. Новиот пат нагоре што го отвори општината многу ќе го олесни овој дел“, рече Алији.
Дали урбанистички, дали поинакви – планови за Шапка има многу. Пред две години, тогашната Влада претстави стратешки инвеститор кој најави инвестиција од 180 милиони евра.
Една година пред тоа, пак, обнова на гондолата од Тетово до Попова Шапка, но и катна гаража со околу 900 паркинг-места ветуваше градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.