Home » За дигитализација на матични книги потрошени се 8,5 милиони евра, а граѓани добиваат изводи со нецелосни податоци

За дигитализација на матични книги потрошени се 8,5 милиони евра, а граѓани добиваат изводи со нецелосни податоци

by Журнал.мк

Откако „Фокус“ пред 4 години го обелодени случајот со спорните договори што Управата за матични книги ги склучи за дигитализација на матични книги, Управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена положба, а потоа Антикорупциската комисија алармираше дека постојат сомнежи за злоупотреба на личните податоци на граѓаните. Сега, и Државниот завод за ревизија објави извештај, во кој се констатира дека се уште не е завршен процесот на дигитализација, иако вкупните трошоци за таа цел од 2012 досега изнесуваат приближно 8,5 милиони евра. Што поточно утврдиле ревизорите?

И покрај тоа што започна пред повеќе од една деценија и вложени се над 520 милиони денари или околу 8 и пол милиони евра, се уште не е завршена дигитализацијата на матичните книги, констатира Државниот завод за ревизија во извештајот насловен „Дигитализација на матични книги“, чија цел е да одговори на прашањето дали со дигитализацијата на матичните книги и процесите во Управата за водење на матичните книги ќе се поедностават и забрзаат услугите за граѓаните, а нивниот квалитет ќе се подобри?

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Имено, во ревизорскиот извештај се наведува дека скенирани се 52 проценти од записите во матичните книги, а во електронскиот матичен регистар внесени се 49 проценти од записите.

Ваквиот степен на реализација, како што соопшти ДЗР, не овозможува поедноставување и забрзување на услугите за граѓаните, ниту, пак, доведува до подобрување на квалитетот на податоците што ги користат надлежните институции согласно своите законски надлежности.

Според Дирекцијата, недостатокот на јасна стратегија, контролни механизми и квалификувани човечки ресурси го оневозможуваат подобрувањето на услугите за граѓаните и го зголемуваат ризикот од злоупотреби на лични податоци и губење на архивскиот материјал.

„Непостоењето на темелни анализи и јасен акциски план за дигитализацијата на матичните книги довело до зголемување на трошоците, од првично планираните 13,1 милион денари на 157 милиони денари. И покрај ова многукратно зголемување на предвидените трошоци, процесот сè уште не е завршен.

Вкупните трошоци за набавка и одржување на електронскиот матичен регистар и дигитализација на матичните книги, од 2012 до денес, изнесуваат 520.952 илјади денари или приближно 8,5 милиони евра.

Со цел забрзување на постапките за дигитализација на матичните книги, од 2018 до 2024 година, склучени се 288 договори за дело со 216 лица за „внесување на податоци во електронски матичен регистар во поголем обем“.

Утврдено е дека поголемиот дел од ангажираните лица не извршувале активности поврзани со внесување на податоци во електронскиот матичен регистар, туку биле ангажирани во извршување на други работни задачи за што исплатени се средства во износ од 30.578 илјади денари“, стои во извештајот.

Дополнително, со ревизијата утврдено е дека Управата за водење на матични книги нема обезбедено соодветни услови за сместување на матичните книги и чување на архивскиот материјал од трајна вредност и на документарниот материјал за истиот да не се оштети, исчезне или уништи.

Притоа, констататирано е дека Управата се уште нема спроведено попис на матичните книги по матични подрачја, дека дел од книгите се оштетени, а дел од архивската граѓа веќе не може да се користи за потврдување на запишаните податоци.

Патем, се посочува дека отсуството на упатство за евиденција, чување и спроведување на попис во Управата не овозможува централизирана евиденција на матични книги и нивна локација, што го зголемува ризикот од нивно оштетување или губење.

„Неусогласеноста на законската и под законската регулатива донесена во 2016 година во делот на обрасците, доведува до издавање на изводи на родени со нецелосни податоци и на не унифицирани обрасци за сите граѓани.

Исто така, ревизијата констатира недостаток на искусни и квалификувани ИТ човечки ресурси во Управата, што го зголемува ризикот по безбедноста на нејзиниот информациски систем.

Ненавремено и недокументирано управување со корисниците и корисничките привилегии создава можности за неовластен пристап до лични податоци на граѓаните и коруптивни дејствија“, предупредува ДЗР.

Понатаму, ревизорите констатирале дека во Управата недостасуваат повеќе од 55 искусни и квалификувани човечки ресурси, а намалениот степен на супервизија и контрола на чувствителните работни места дополнително го зголемуваат ризикот од грешки во работењето, истакнувајќи:

„Отсуствува следење и анализа на логовите од пристапите во системот, како и надзор врз спроведување на политиките и процедурите за пристап во просториите на Управата, што доведува до можност матичарите да пристапуваат во просториите на Управата и електронскиот матичен регистар вон утврденото работно време, за време на викенди и празници“.

Покрај тоа, утврдено е дека дел од вработените вршат внесувања и измени во електронскиот матичен регистар пред 6:30 часот и по 22 часот, без соодветен надзор, додека во повеќе месни канцеларии се печатат и издаваат изводи од матичните книги и за време на викенди и празници.

Како што појаснуваат од ДЗР, анализата на податоците покажува дека 92 проценти од електронските изводи се издаваат во Скопје, додека во поголемите градови како Прилеп, Битола, Охрид и Тетово бројот на издадените изводи е значително помал.

Во помалите и рурални средини, како Гевгелија, Делчево и Пехчево, употребата на електронските услуги е речиси занемарлива.

Ова, посочуваат од таму, укажува на потребата од засилена поддршка и развој на дигиталните сервиси, со цел обезбедување еднаков пристап за сите граѓани.

Од друга страна, ревизијата покажала дека во Управата се доделени 61 сертификат за електронски потпис, кои се распределени меѓу матичарите од сите одделенија и подрачни канцеларии.

Со анализа на податоците ревизорите констатирале дека речиси целокупниот број на електронски изводи се потпишува од само 3 лица од подрачното одделение Скопје, додека 13 матичари воопшто не користеле електронски потпис.

Во подрачното одделение Скопје, стои во извештајот, не се користи системот „земи бројче“, туку граѓаните чекаат во редици за поднесување на барања и подигнување на готови документи, со што се овозможува настанување на ризик од коруптивно однесување од граѓаните и од вработените на Управата.

Откако „Фокус“ во 2021 година го обелодени случајот за спорните договори што Управата за матични книги ги склучи за дигитализација на матични книги, прво Управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена положба, бидејќи тендерската документација била изготвена во корист на компанијата „Новатек Инв“, а потоа и Антикорупциската комисија алармираше дека постојат сомнежи за злоупотреба на личните податоци на граѓаните при реализација на овој и уште еден договор.

Како што пишувавме, Управата во рамки на Министерството за правда на 21 јануари 2021 година објави оглас за јавна набавка за дигитализација на матичните книги.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, Управата на чело со тогашниот директор Бујар Дардишта на 1 март склучил договор со компанијата „Новатек Инв“ во вредност од 29,5 милиони денари или скоро 480 илјади евра, колку што изнесувала и проценетата вредност на набавката.

Податоците од Централниот регистар покажуваа дека „Новатек Инв“ е основана на 9 декември 2020 година од страна на Лирим Фетаи, кој воедно е и управител на друштвото, чија главна дејност гласи „неспецијализирана трговија на големо“.

Оваа тогаш новоформирана компанија била единствен учесник во тендерската постапка, која доставила понуда и потоа склучила договор во износ идентичен на проценетата вредност на набавката, која патем не била објавена во огласот.

Иако станува збор за нова компанија, која немала кога да оствари значителна економска и деловна активност и да собере компаниско искуство, сепак, Фетаи тогаш тврдеше дека заедно со неговиот тим имаат повеќе од 15-годишно искуство во областа на ИТ-технологиите во државава.

Како резултат на ова искуство, посочува Фетаи, неговата компанија за два месеца успеала да склучи договори и да стане партнер на најголемите светски брендови, како „ДЕЛЛ“, „ИБМ“ и други.

Сепак, како тукушто формирана компанија „Новатек Инв“ успеала да се квалификува и на крајот да склучи договор за јавна набавка од причина што во тендерската документација не биле поставени строги критериуми во однос на фирмите како правни лица, од типот на остварени приходи во период од неколку години и листа на реализирани проекти од одреден вид.

Во однос на ваквата ситуација, од Управата за матични книги ни одговорија дека конкретната јавна набавка се спровела со отворена постапка во која, како што нагласуваат, имале право да учествуваат сите заинтересирани економски оператори без оглед кога се формирани.

Воедно, од таму истакнуваа дека овозможиле и странски компании да учествуваат во постапката.

Претходно, Управата склучила два договори за дигитализација на матичните книги, односно за скенирање на записи и внес на податоци со компанијата „Аукта“.

Првиот договор двете страни го склучиле на крајот на 2019 година во износ од 6,7 милиони денари или 109.000 евра, а вториот во март 2020 година на сума од околу 22 милиони денари или над 357.000 евра.

И „Аукта“ била релативно нова компанија пред да го склучи првиот договор со УМК, со оглед дека е формирана на почетокот на истата 2019 година.

Инаку, на ист ден кога Управата го склучила договорот со „Новатек Инв“ за дигитализација на матичните книги, склучила договор и со „Аукта“ за набавка на софтвер од 11,5 милиони денари или 187 илјади евра, при што повторно имало само еден понудувач.

Кога ја објавивме оваа сторија, постапка покрена Антикорупциската комисија, додека Обвинителството соопшти дека го следи случајот.

Година и пол подоцна, Финансиската полиција поднесе кривични пријави против против 3 физички лица и 1 правно лице за злоупотреба на службена положба и овластување. На крајот на 2022 година, од таму соопштија:

„Првопријавеното лице, во својство на раководно лице во Управата за матични книги и второпријавеното лице – вработено во УМК, како лица што ги изработиле техничките спецификации и условите за квалитативен избор, поттикнати од третопријавеното лице во својство на сопственик и управител на четвртопријавеното правно лице – „Новатек Инв“, ја злоупотребиле службената положба и овластување на начин што спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, во текот на 2021 година изработиле тендерска документација со дискриминаторски и несразмерни услови за квалитативен избор за јавна набавка на услуги за дигитализација на матичните книги и јавна набавка на компјутерска опрема.

Воедно, од таму потенцираа дека со така дефинираните дискриминаторски и несразмерни критериуми за квалитативен избор и склучениот договор со „Новатек Инв“, реализирана е набавка на компјутерска опрема за потребите на Управата за водење на матичните книги по цени далеку повисоки од реално пазарните цени и на тој начин пријавените лица предизвикале штета на Управата за водење матични книги во вкупен износ од 2.836.260 денари.

„Дополнително, прво и второпријавеното лице, поттикнати од третопријавеното физичко лице, во техничките спецификации за јавната набавка на услуги за дигитализација, предвиделе ставка за „техничка поддршка при процесот на внесување на податоци“ во висина од 359.507 денари месечен паушал, за кои услуги во моментот Управата имала склучен договор со друг правен субјект и на тој начин без да постои реална потреба кон Управата се фактурира за иста услуга два пати, еднаш од страна на „Новатек Инв“, и еднаш од страна на другиот правен субјект, со што е предизвикана штета на Управата за водење на матични книги во вкупен износ од 2.157.042 денари“, соопштија тогаш од Финансиската полиција.

Половина година подоцна, реагираше и Антикорупциската комисија, која утврди дека во тендерските постапки не биле предвидени соодветни заштитни мерки со цел да се зачува приватноста, односно личните податоци на граѓаните при скенирањето, контролата, управувањето, преносот и обработката на личните податоци од страна на ангажираните економски оператори врз основа на договорите склучени со Управата за водење на матични книги.

Според антикорупционерите, при дефинирањето на условите се барале сертификати кои докажуваат квалитет на економските оператори за работа со класифицирани т.е. доверливи податоци и информации, но не и квалитет за собирање, контрола, обработка и пренос на лични податоци, кои не се класифицирани за да се сметаат за доверливи, туку подлежат на висока заштитна регулатива согласно со легислативата за заштита на личните податоци.

„Изворниот код за пристап до податоците од матичните книги бил даден на USB, а примопредавањето е потпишано од вработен во Управата за водење на матичните книги на РСМ, како давател и од страна на економскиот оператор Новатек Инв како примател“, велат од Комисијата, додавајќи дека кај овој предмет постои висок ризик со тргување на лични подататоци.

Откако било побарано Агенцијата за заштита на личните податоци да изврши вонредна супервизија во Управата, со цел да се провери кој се имал пристап до скенираните документи за лични податоци, како тие биле чувани и дали биле заштитени, дали воспоставениот систем за нивна заштита бил ефикасен и дали се употребени за незаконски цели, Агенцијата извршила вонредна супервизија и констатирала дека има сериозни пропусти при дигитализација на матичните книги.

Поточно, АЗЛП утврдила дека УВМК нема евиденција за хардверот, серверите и софтверските апликации на кои личните податоци се обработуваат, личните податоци се складирани на сервер без да може да се идентификува кој има пристап до серверот, економските оператори ги собирале податоците без придружба од службени лица, просторијата каде што се скенирале личните записи не била физички обезбедена, не може да се утврди идентитетот на лицето кое пристапило до софтверските модули каде што се внесени скенираните записи и личните податоци итн.

Освен тоа, Антикорупциска тогаш посочи дека постои сомневање дека тендерите се добиени како производ на незаконски влијанија.

Оттогаш до денес, нема информација каков е епилогот од кривичната пријава, но сомнежите за несоодветно и незаконито работење во овој сегмент ги засили и поткрепи најновиот ревизорски извештај.

Во меѓувреме, објавивме и дека додека Обвинителството го истражува стариот, Управата за матични книги склучи нов договор за дигитализација со хрватската „Кинг ИЦТ“, кој предвидуваше скенирање и внесување на милион записи за сума од скоро еден милион евра.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk