Home » За 2,15 милиони евра гаранција во пари и недвижности- Обвинителството е согласно да му се укине притворот на Асмир Јахоски од Пуцко Петрол

За 2,15 милиони евра гаранција во пари и недвижности- Обвинителството е согласно да му се укине притворот на Асмир Јахоски од Пуцко Петрол

by Журнал.мк

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција преку мислење доставено до судот се согласува да му биде укинат притворот на Асмир Јахоски кој е осомничен за перење пари во истрагата за набавките на мазут за ЕСМ и ТЕЦ Неготино.

Јахоски е сопственик на Пуцко Петрол и син на партеникот на ДУИ Исмаил Јахоски. Обвинителството ја прифатило гаранцијата која ја понудил Јахоски и која се состои од околу милион евра во недвижности и околу 1,15 милиони евра во пари депонирани на сметка.

-Во конкретниот предмет, според доказите со кои располага обвинителството, износот од 72.000.000 денари одговара на вкупниот износ на противправно стекнатата имотна корист за овој осомничен од кој во понатамошна постапка би можело да се наплати евентуалното оштетно побарување од него, соопштија од обвинителството.

Од обвинителството бараат судот да му определи мерки на претпазливост на Јахоски. Тој е осомничен во рамки на истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, во која се опфатени и екс директорот на ЕСМ Васко Ковачевски (во бегство), сопствениците на РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, поранешниот менаџер за продажба во ЕСМ Адриан Муча и уште 6 лица кои учествувале во реализацијата на набавките мазут вредни над 160 милиони евра.

Во продолжение е соопштението на Обвинителство:

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави мислење во однос на Предлогот за укинување на мерка притвор со предлог гаранција, поднесен од осомничен за сторено кривично дело – „Перење пари и други приноси од казниво дело“.

Во мислењето, јавниот обвинител истакна дека предлогот на осомничениот за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција во недвижен имот со проценета вредност од 60 672 235 денари, може да биде основан само ако осомничениот, во исто време, на посебна сметка на судот, дополнително да депонира и износ од 72 000 000 денари. Во конкретниот предмет, според доказите со кои располага обвинителството, износот од 72 000 000 денари одговара на вкупниот износ на противправно стекнатата имотна корист за овој осомничен од кој во понатамошна постапка би можело да се наплати евентуалното оштетно побарување од него.

Исто така, јавниот обвинител побара од судот на осомничениот да му бидат определени и мерки на претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, обврска повремено да се јавува на определено службено лице или надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница односно забрана за нејзино издавање

Притоа, обвинителот ги имаше предвид и списите во предметот, како и фактот дека обвинителството во меѓувреме обезбеди поголем дел од материјалните и вербалните докази, со што значително е намален ризикот дека тој би можел да ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание на сведоци.

Согласно даденото мислење, само со определување на сите погоре наведени мерки обвинителството ќе смета дека се исполнети условите за укинување на претходно изречената мерка притвор.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk