YouTube го лансираше Premium Lite во САД по цена од 7,99 долари месечно. Оваа поповолна претплата ги отстранува рекламите од поголемиот дел од видео содржините, но не вклучува YouTube Music и други премиум функци.
YouTube во средата објави дека неговата поволна претплатничка опција, Premium Lite сега е достапна во Соединетите Американски Држави по цена од 7,99 долари месечно. Овој план им овозможува на корисниците да гледаат најголем дел од видео содржините без реклами, вклучувајќи клипови од областа на гејмингот, модата, убавината, вестите и други категории. Сепак, рекламите и понатаму ќе се прикажуваат на музички содржини, Shorts видеа, како и при пребарување и прегледување на платформата.
За разлика од стандардниот YouTube Premium пакет, кој по последното поскапување чини 13,99 долари месечно, Premium Lite не вклучува можности како YouTube Music без реклами, гледање музички спотови, преземање видеа и репродукција во позадина. Корисниците кои ги сакаат овие функции ќе мора да се одлучат за поскап план.
„YouTube нуди нешто за секого – од играни серии до подкасти и гејминг стримови во живо, а сето тоа од омилените креатори,“ изјави Џек Гринберг, директор за управување со производи на YouTube Premium. „Со Premium Lite, корисниците можат да уживаат во својата омилена содржина со помалку прекини. Планираме да го прошириме пилот-програмот на Premium Lite во повеќе земји оваа година и да понудиме повеќе опции за нашите корисници.“
Иако оваа нова претплатничка опција нема некои од најважните функции на целиот Premium пакет, таа претставува поповолна алтернатива за оние кои сакаат да гледаат YouTube без чести реклами. Ова би можело да биде особено примамливо за помладата публика, која поминува повеќе време на YouTube отколку на традиционалната телевизија или стриминг сервисите, особено сега кога компанијата ги заостри мерките против блокаторите на реклами.
Premium Lite моментно се воведува во Соединетите Американски Држави, Австралија, Германија и Тајланд, а се очекува да биде достапен во уште повеќе земји подоцна оваа година. Сепак, YouTube не откри конкретни детали за идните пазари.