Home » Work & travel во Белорусија

Work & travel во Белорусија

by Журнал.мк

Деновиве, една вечер, вртејќи по тв каналите, начекав една интересна и необична тв серија. Се вика “Човекот во високиот замок”. Пребарав на интернет и дознав дека е правена по книга. Темата на серијата е дистописко општество, некаде во 60тите кое претставува една малку поинаква реалност од она што го знаеме. Фашистите и нацистите победиле во втората светска војна и оттука, светот е поделен на наци-германски и империјалистичко – јапонски дел. САД се поделени, односно Њу Јорк и источната обала се под германска контрола, а Сан Франциско и западниот дел се под јапонска контрола. Полиција и војска на секој агол, нацистички симболи и “Хаил Хитлер” на секој чекор. Македонија во таква ситуација би била под нацистичка команда и контрола. Во светот владее диктатура наместо демократија, сиромаштија наместо економски прогрес. И сериозно се замислив…

Колку поинаков и полош би бил светот како место за живеење доколку некој го преспиел клучниот момент во историјата или на мнозинството луѓе им било сеедно во борбата против фашизмот. Гледам и сфаќам колку некои грешки во одреден момент или незаинтересираност може да те чинат до крајот на животот.За среќа, нацистите и фашистите изгубиле и сега живееме во слобода и демократија. Но, секое време си има свои битки и предизвици и сите сме должни да го препознаеме моментот и да бидеме на вистинската страна на историјата.Денес, беснее руска агресија во Украина која грчевито се брани со помош на западните сили. Светот се поларизира, па оттука, дојдено е време кога и ние како Македонија се наоѓаме на крстопат. Граѓаните се поделени на условно кажано “проруски” и “прозападни”. Но ајде кратко и практично да анализираме.Знам дека многумина се поврзуваат со Путиновите политики мислејќи дека сме “православни браќа”, но ајде да размислиме економски. Некогаш и Полска била во дилема како нашата, но се одлучила за ЕУ. И што добила? Влегла во унијата во 2004 година со невработеност од дури 20%, а денес има невработеност од само 2.6%. Полска заедно со другите земји кои се приклучиле на ЕУ во првите 5 години од членството имаат во просек пораст на странски директни инвестиции од 28%.Тоа се нови, доброплатени работни места.Еве да ја земеме за пример и Хрватска со која што би се рекло до вчера бевме една држава. Од 2013 до 2021 година, Хрватска има раст на нето приходите на едно семејство од цели 32%, а хрватскиот БДП по глава на жител расте со 4 до 5% годишно.Романија има пораст во приходите на едно семејство за 101%, а Бугарија за 88%. Тоа се многу повеќе пари за секое едно хрватско, романско или бугарско просечно семејство само поради членство во Европската унија.Ситуацијата е иста па дури и подобра кај сите земји членки на Европската унија. Луѓето се побогати и побезбедни, животната средина е почиста, слободата, демократијата и владеењето на правото се неприкосновени.Од друга страна каква е ситуацијата во т.н. “проруски” блок (Русија, Белорусија итн.)!? Владеење на право, слобода и демократија скоро и да не постојат. Огромни разлики помеѓу екстремно богати олигарси и енормно сиромашни луѓе. Заробени медиуми, неизвесен економски раст, безперспективност за младите.И еве, занемарете се што погоре напишав и запрашајте се зошто младите одат на Work and travel во САД, Германија, Италија, а не во Белорусија!? Зошто сакаат да студираат на Оксфорд, Харвард или Сорбона, а не на униоверзитетот во Минск!? Кога последен пат сте слушнале некој близок да оди на прошетка во Минск или Краснодар, наместо во Барселона, Милано или Виена!? Сте размислувале ли наместо во Грција, Црна Гора или Албанија да одите на одмор во Сочи на пример!? Ви се вози Лада или повеќе верувате на Цитроен, Дачиа или Сеат!?Гледате, дури и природно, свесно или несвесно, ние како народ припаѓаме во развиениот западно европски свет. И тоа не е од сега, нашите мајки и татковци, нашите баби и дедовци, сите наши претходници секогаш припаѓале во Европа. На мали држави како нашата тоа е единствената логична опција. Опција за економски развој, стабилност, владеење на правото, повисоки плати и пензии, за младите да останат во Македонија и тука да тераат бизнис и да градат семејство и дом. Зошто и просечното македонско семејство да не биде побогато за 100%? Зошто и нашиот БДП да не расте забрзано од година во година?И да се вратам на поуката од серијата со којашто ја почнав колумната. Еднаш имаме шанса да бидеме на вистинската страна на историјата. Нашата шанса да бидеме на иста страна со ЕУ, САД и развиениот свет е сега. Ако ја згрешиме работата, последиците може да бидат несогледливи. А со русите и понатаму може да си останеме “православни браќа”. Не ми смета. Иако, бомбардирање на украински православни цркви и убивање на православни украински деца не е ниту “православно”, а уште помалку “братски”.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More