Корисниците на iPhone кои поголемиот дел од разговорите ги водат на WhatsApp, наскоро ќе можат да го постават како стандардна апликација за повици и пораки.
Со излегувањето на iOS 18.2 минатата година, Apple им овозможи на корисниците на iPhone да поставуваат алтернативни апликации како стандардни за испраќање пораки и повици, а наскоро на таа листа би можел да се придружи и популарниот WhatsApp.
Според WABetaInfo, корисниците на најновата бета верзија на WhatsApp за iOS (25.8.10.74) сега можат да го постават WhatsApp како стандардна апликација за повици и пораки на нивните уреди. Во пракса, тоа значи дека секој пат кога корисникот ќе допре телефонски број во некоја апликација, WhatsApp автоматски ќе се отвори за да се изврши повик или да се испрати порака.
Оваа функција засега е достапна исклучиво за бета тестерите на WhatsApp за iOS, а сè уште не е познато кога ќе биде достапна за сите корисници. Се претпоставува дека тоа ќе се случи во наредните неколку недели.