17.8 C
Skopje
Monday, September 26, 2022

VW ја цени вредноста на Porsche на 75 милијарди евра

Најчитани вести

Концернот Volkswagen очекува луксузната спортска марка Porsche на берзата да достигне вредност до 75 милијарди евра. Тоа е под првично поставената цел за 85 милијарди евра.

Вредноста на акцијата при стапувањето на Porsche AG на берзата, концернот Volkswagen ја цени меѓу 76,50 евра и 82,50 евра. Тоа значи дека компанијата вкупно ќе вреди од 70 до 75 милијарди евра. Доколку се достигне повисоката вредност, тоа ќе биде трет најголем берзански старт на една компанија во историјата на Европа.

„Голема е веројатноста дека излегувањето на Porsche на берзата ќе биде успешно… инвеститорите чекаат во редица. Доколку стапувањето на Porsche на берзата мине добро, може да се замисли дека и останатите делови од концернот, како Audi, ќе се најдат на берзата“, изјави автомобилскиот експерт Арндт Елингхорст од компанијата за анализа на податоци QuantCo.

Рокот за приватни и институционални инвеститори веројатно ќе биде поставен во периодот од 20-ти до 28-ми септември. Акциите им се нудат на приватни инвеститори во Германија, Австрија, Швајцарија, Франција, Италија и Шпанија. Тргувањето на Франкфуртската Берза ќе почне на 29-ти септември, најавуваат од VW.

Вкупниот приход од продажбата ќе се движи меѓу 18,1 и 19,5 милијарди евра. Концернот Volkswagen посочи дека заработката од стапувањето спортската марка на берзата ќе биде искористенa како помош за да се финансира префрлувањето на концернот кон електрични возила. Дел од средствата ќе се користи и за инвестирање во развој на софтвер.

Porsche цели годинава да достигне промет во висина до 39 милијарди евра, со маржа до 18 проценти, што е два процентни бодови повеќе во споредба со минатата година. Во подолг рок, маржата треба да достигне 20 проценти по продаден автомобил

Во разговори со потенцијални инвеститори, Volkswagen го гледа појавувањето на Porsche на берзата како можност да се вложи во компанија, којашто во себе го соединува најдоброто од конкурентите, како Ferrari, и луксузните марки, на пример Louis Vuitton.

Ferrari и Porsche им се обраќаат на добростоечки клиенти, но Ferrari игра во посебна лига и се гордее на маржа што е највисока во целата бранша. Притоа, Италијанците не продаваат ниту дел колку што продава Porsche, со своите близу 300.000 возила годишно.

Повисоката проценета вредност на Porsche на берзата речиси соодветствува на вкупната пазарна вредност на целиот концерн Volkswagen, со своите големоволуменски марки Audi, Skoda, секако VW, и Seat. Концернот вреди 88 милијарди евра

Во рамки на берзанскиот старт ќе се понудат 911 милиони акции на Porsche AG, коишто ќе се поделат на 455,5 милиони повластени акции и 455,5 милиони матични акции. Во текот на стапувањето на берзата ќе се понудат до 113.875.000 повластени акции, без право на глас.

Главните инвеститори веќе го потврдија интересот. Qatar Investment Authority, норвешките државни фондови, T. Rowe Price и ADQ ќе купат повластени акции во вредност до 3,7 милијарди евра.

Покрај тоа што инвеститорите ќе можат да добијат удел во една од најпознатите марки во автомобилизмот, појавувањето на Porsche на берзата им ја враќа и контролата на фамилиите Порше-Пиех врз спортската марка, којашто беше изгубена во долготрајната борба за преземање во самиот концерн Volkswagen. Претходниот обид на Porsche да го преземе Volkswagen, заврши неуспешно. Не само што фамилиите ја изгубија контролата, туку и Porsche се најде во длабоки долгови. Како резултат од тоа, во 2012 година, концернот Volkswagen во форма на пакет мерки за спасување ја презеде контролата врз спортската марка.

Фамилијата Порше-Пих ќе купи 25 проценти, плус една матична акција со право на глас во Porsche, што значи дека ќе добие влијание врз идните важни одлуки за марката.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com