Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Русија ѝ понудила на Србија договор за снабдување со гас до Нова Година, наведувајќи дека ова се разочарувачки вести, бидејќи Србија, како што рече, очекувала да склучи долгорочен договор уште во мај оваа година.
„Има уште една вест што доаѓа од Москва или Санкт Петербург (седиштето на Гаспром), што и да претпочитате, дека ни понудиле договор за гас до Нова Година. Реков дека ова се многу разочарувачки вести за нас, бидејќи требаше да склучиме долгорочен тригодишен договор до мај. Бевме повеќе од фер и сигурен партнер во секоја смисла, а да не спомнуваме дека Србија се откажува од арбитражата и многу други работи за да ги зачува пријателството и партнерските односи“, рече Вучиќ.
Тој потсети дека во мај разговарал со рускиот претседател Владимир Путин во Москва и дека во тоа време било кажано дека договорот ќе биде склучен во најкраток можен рок – еден или два месеци, но дека Србија сепак мора да почека.
„Потоа во септември повторно се сретнав со претседателот Путин, разговаравме и реков „сè зависи од вас и, ве молам, што и да одлучите, ние ќе го прифатиме, само ве молам да го завршите“. Сега нè информираа дека тоа ќе трае до Нова Година. Зошто до Нова Година? Логиката е едноставна и нема да ја кријам, бидејќи сакаат да ни кажат „ако почнете да го национализирате НИС или било што друго, можеме да го исклучиме гасот на 31 декември“.
Тој додаде дека Србија не планира да го национализира НИС, бидејќи ако го стори тоа, вели тој, немаше да има санкции.
„Американците ми рекоа „Претседателе, потпиши, нема да има санкции, само кажи ни дека ти треба време, нема да ти воведуваме санкции, дека ти треба време да ја национализираш својата нафтена индустрија“. Јас реков „тоа не ми е прифатливо, нашата земја не е ниту комунистичка ниту фашистичка, ниту пак сакаме да запленуваме туѓ капитал и имот“. Тие рекоа „добро, твојот потпис не е важен, дај ни го зборот“. Јас реков „ако дадам збор, морам да го држам. Не можам да ти дадам збор дека ќе национализираме нешто, бидејќи тоа е последното нешто што можеме и сакаме да го направиме“, рече Вучиќ.






