Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, синоќа изјави дека „Србија и Северна Македонија имаат многу заеднички нешта, дека нема отворени прашања меѓу двете земји и дека наше е да ги подобриме овие односи, да работиме на зајакнување на Западен Балкан и влез во ЕУ, не би останале „слепо црево“ и би биле заборавени во оваа геополитичка поделба“.
По средбата со потпретседателот на Владата на Северна Македонија, Иван Стоилковиќ, Вучевиќ рече дека смета оти „мора да бидеме оценети согласно сите реформи и потсети дека Северна Македонија воведе тешки реформи, што е нешто што треба да се цени“.
„Треба да формираме комисија за економска соработка. Разговарав со Момировиќ да се забрза, чекаме соработка за интерконекторот за снабдување со енергија. Треба да се работи и на уникатен софтвер за луѓето да не се задржуваат на граничните премини, за да нема гужви. Заинтересирани сме за соработка за она што е важно за Западен Балкан, ќе имаме новости за ЦЕФТА, а најважно е да се зачува мирот на Западен Балкан, тоа ни треба на сите“, рече Вучевиќ.
Српскиот премиер уште еднаш упати честитки до новата влада на Северна Македонија, истакнувајќи дека верува оти таа ќе биде достојна за одговорност пред граѓаните, но и дека не памети дека Србин бил член на македонската влада.
„Затоа сме му благодарни на македонскиот премиер (Христијан) Мицкоски и го чекаме во Белград. Среќен сум поради продолжувањето на соработката меѓу двете земји“, рече Вучевиќ.
Стоилковиќ му ја пренесе на Вучевиќ поканата на премиерот Христијан Мицкоски да ја посети Северна Македонија на крајот на септември, почетокот на октомври.
Тој на заедничката прес-конференција рече дека вечерашниот убав прием го потврдува нивото на односите што постојат меѓу граѓаните на двете земји и потсети на истражувањето на јавното мислење според кое Македонците им се се најблиски на Србите, а Србија е најблиска до Македонците.
„Ова само укажува дека ние како нова политичка структура во Македонија некако треба да го следиме расположението на граѓаните. Зборувавме пред се за учеството на Северна Македонија или македонската економија како испомош за српската економија во врска со Belgrade Expo од една страна и од друга страна да се отвори таа можност да се претстави македонската економија што е можно подобро на Belgrade Expo“, рече вицепремиерот на Владата на Северна Македонија Иван Стоилковиќ, додавајќи дека тоа е многу важна сегмент од регионалниот развој на кој Македонија ќе ја гради својата политика во иднина.