Home » Време е за менување на гумите: 5 нешта што мора да ги знаете

Време е за менување на гумите: 5 нешта што мора да ги знаете

by Lina Muslija

Законската забрана за возење со летни гуми на отворен пат заврши на 15 март. Тоа за возачите значи и дека е време да размислат за менување на пневматиците на своите возила, односно за враќање на летните гуми.

Иако за многумина ова е редовна практика и точно знаат зошто е важна, некои возачи, сепак, не се свесни за важноста на возењето со пневматици што одговараат на соодветната сезона.

Токму тоа ќе се потрудиме да го објасниме детално во оваа статија. Во продолжение може да прочитате за тоа какви типови гуми постојат, зошто е важно да се менуваат во согласност со сезоната, што значат разните ознаки, колку е важна трговската марка и како да знаете кога е време за нови гуми. Продолжете и дознајте сè за менувањето на пневматиците.

 

 

 

1. Какви типови автомобилски гуми постојат?

Постојат три главни категории автомобилски гуми – летни гуми, зимски гуми и гуми за сите сезони, односно „all season“. Во нашиот закон стои одредбата за задолжителна употреба на зимски гуми од 15 ноември до 15 март, односно во периодот кога е голема шансата да возите на влажен, замрзнат или снежен коловоз.

Летни гуми се користат во летниот период, кога времето е топло, а асфалтот жежок. Во двата случаја е важно да имате пневматици, чијашто шара ќе има вдлабнатина во согласност со законските норми, односно 1,5 милиметар за летните и 4 милиметри за зимските гуми.

Гумите за сите сезони се идеални за тие што возат низ град и ретко се соочуваат со сурови зимски услови. Сепак, излегувањето на автопат не само што може да ви донесе казна од полицијата, туку може да биде и опасно доколку условите на патот се тешки за возење.

2. Зошто е важно да се менуваат во зависност од сезоната?

Има повеќе причини зошто е важно гумите да се менуваат во зависност од сезоната. Една од причините е потрошувачката на гориво. Летните гуми се направени за полесно да се тркалаат по асфалтот и трошат помалку гориво, додека зимските убаво легнуваат и создаваат поголема отпорност, а со тоа се троши повеќе гориво.

Следува, веројатно, најважната причина, а тоа е сигурноста при возењето. Во зима, кога коловозот е влажен, снежен или замрзнат, зимските гуми ќе ви овозможат полесно да го управувате возилото. Тие се специјално дизајнирани да го придвижат и запрат возилото дури и кога возите на замрзнат пат.

Во лето, пак, кога коловозот е вжештен, зимските гуми, буквално, ќе се „стопат“. Големата брзина по летниот асфалт создава огромно триење, кое ваквите пневматици не можат да го издржат и лесно може да се случи при движењето некој од нив да пукне.

 

 

 

3. Секогаш одберете марка на која ѝ верувате

Постојат многу различни марки на пазарот, но не го нудат сите истиот квалитет. Квалитетот на гумата е многу важен за нејзината издржливост и долготрајност, па секогаш одберете квалитетна марка.

Веројатно веќе знаете кои се некои од најпознатите марки автомобилски пневматици – „пирели“, „мишелин“, „континентал“ и „бриџстоун“ се меѓу најпознатите и најквалитетни, но тоа не ги отфрла и тие што се сметаат за една класа подолу, но се, исто така, одлични.

Пред да нарачате, направете истражување кои летни гуми се најдобри за вашиот автомобил и кој бренд е одличен избор. Различни брендови посветуваат внимание на различни димензии и типови гуми, па дознајте што е најдобро за вашите потреби пред да нарачате.

4. Што значат разните ознаки на гумите

Кога ќе ја погледнете гумата од страна, ќе забележите голем број ознаки, кои, навидум, не значат ништо. Покрај името на брендот и моделот, со сигурност ќе забележите и дека пишува 205-55-R16 или други броеви.

Овие броеви ја означуваат димензијата, односно 205 означува колку милиметри е широка гумата, 55 е односот меѓу ширината и висината на гумата, додека R16 е пречникот на бандажот и се пресметува во инчи.

Дополнително, покрај димензиите, може да стои и ознака за капацитетот на брзина што може да ја издржи. Таа се обележува со латинична буква, која е различна во зависност од брзината. Така, „N“ означува капацитет од 15 километри на час, додека „Y“ дозволува брзина и до 300 километри на час.

 

 

 

5. Кога е време за нови гуми?

Златното правило за автомобилските гуми вели дека никако не смеете да користите еден ист сет повеќе од 10 години. Вообичаено, гумите се менуваат по шест изминати години или 120 илјади километри.

Доколку не сте сигурни дали е вистинско време за менување, погледнете ја шарата на гумите. Како што напишавме и погоре, важно е таа да не биде помала од 1,5 милиметар на летните и 4 милиметри на зимските гуми. Сè под овие бројки е опасно и треба да направите промена.

Климата, исто така, влијае во голема мера. Доколку возите со зимски гуми на релативно топло време, треба да ги замените побргу бидејќи тие и ќе се истрошат многу побргу. Доколку не сте сигурни, однесете го автомобилот на вулканизер и таму со сигурност ќе ви направат брза и прецизна процена.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More