Осуда за сквернавењето на државното знаме на синоќешната прослава на Денот на независноста на Албанија во центарот на Скопје стигна и од владејачката коалиција „Вреди“. Тие го нарекоа чинот „срамен и неприфатлив“. Масовната прослава на 28 ноември била во празнична атмосфера низ целата држава, која ја дестабилизирале провокатори.
„Очигледно оваа празнична атмосфера не им одговараше на оние на кои им се наруши комфорот на фотелјите на власта. На крајот на денот се појавија овие кругови кои сакаат да ја дестабилизираат државата. Не затоа што ја сакаат државата, туку затоа што им недостига власта“, коментираат од „Вреди“.
Владејачката коалиција повика на разумност и меѓусебно почитување и додаде дека подгревањето на меѓуетничките односи со палењето на државното знаме не му служи никому.
„Чувствуваме одговорност и апелираме до сите граѓани да покажат разумност и решителност да не станат плен на злонамерни провокации. Не дозволувајте да бидете жртва на никого, а уште помалку од оние кои не ги слушнале или виделе вашите маки. Веруваме во високата свест на нашите граѓани кои ќе бидат будни и нема да бидат инструментализирани од оние кои по губењето на власта го изгубија патот во сопствениот двор“, велат од „Вреди“.
Од коалицијата велат дека секој што ќе се обиде да ги наруши меѓуетничките односи со покажување непочит кон другиот, особено со палење на државно знаме, ќе мора да биде повикан на одговорност.