Тоа што ДУИ не се снаоѓаат во опозиција не може да го претворат во државен проблем. Али Ахмети е очаен за политичко внимание, оценуваат од коалицијата „Вреди“.
„Прво, крајно лицемерно и неодговорно е ДУИ да не обвинува нас за иницијативата пред Уставниот суд, кога истата е свесно држена во фиока од нивните кадри во овој суд, со план денес да се злоупотребува за критика. Не може „Вреди“ да биде одговорен за одредени недоречености во законот кои самите ДУИ свесно ги дозволиле. Второ, текстот на Законот за употреба на Албанскиот јазик е доставен до Венецијанската Комисија токму од Бујар Османи.
Нема никаква дилема дека зад сценариото за бојкот на локалните избори се крие стравот на ДУИ од пораз, па затоа измислуваат алиби во лажните обвинувања за наводна деалбанизација која симптоматично, според нив се случува само затоа што тие не се дел од Владата“, истакнуваат од коалицијата.
ДУИ, според нив, се преценува во моќта било што да организира на терен. Прочитани се, додаваат од „Вреди“.
„Да имаа поддршка од Албанскиот народ одамна ќе излезеа со протести, впрочем како што претходно најавуваа“.
Апелираат до како што го нарекуваат, здраворазумното членство на ДУИ да не влетува во егзибиционизмот на нивното корумпирано раководство. Без програмска и кадровска реформа, плус со бојкот и нереди на добар пат се цела партија да биде ставена на црна листа, нагласуваат од коалицијата.