Воз полн со патници, кој сообраќал меѓу Сплит и Загреб, од попладнево е заглавен во областа Лика, откако гранка од дрво го скршила предното стакло на локомотивата, јавува „Индекс“. Патниците чекаат превоз со автобуси и на социјалните мрежи коментираат дека барем им е топло во возот.
„Некаде под Госпиќ, на локомотивата падна гранка под тежината на снегот што паѓаше и го скрши предното стакло на локомотивата. Возот веднаш застана, а сега веќе два часа чекаме автобус што треба само да не земе околу 22 часот и 30 минути“, изјавил еден од патниците за „Далмација данас“.
Дел од патниците се забавувале со фрлање снежни топки, додека со часови чекале да дојдат автобусите. Но, тука не бил крајот на изненадувањата, раскажуваат патниците.
„Децата најмногу се радуваа на оваа ситуација. Направија снешко и учествуваа во масовно фрлање снежни топки. И додека сите мислевме дека само чекаме долга зимска ноќ во возот, се случи нов пресврт. По првата пауза, возот конечно тргна кон станицата Медак, но набрзо откривме дека две деца не се качиле навреме и моравме да застанеме и да ги чекаме да се вратат, па се упативме назад кон станицата“, вели патникот за „Далмација данас“.