Home » Volkswagen направи нова прераспределба на моделите по фабрики

Volkswagen направи нова прераспределба на моделите по фабрики

by Lina Muslija

Од фабриката на Volkswagen во Цвикау, на чијашто локација некогаш се произведуваше Trabant, ќе излегува еден од најважните нови модели на марката.

Фабриката на Volkswagen во Цвикау, во германската сојузна држава Саксонија, до неодамна се соочуваше со недоволна искористеност. Раководството скрои нов распоред на моделите на матичната марка на концернот Volkswagen што ќе се произведуваат во одделните фабрики. Таму во иднина ќе се произведува моделот што ќе произлезе од амбициозниот проект Trinity. Има новини и за матичната фабрика во Волфсбург.

Вработените во фабриката на Volkswagen во Цвикау можат да здивнат. При прераспределбата на моделите за следните години, фабриката во Саксонија доби едеn од најважните модели на матичната марка на целиот концерн Volkswagen. „Проектот Trinity, што првично беше предвиден за Волфсбург, според моменталната состојба ќе оди во фабриката во Цвикау“, пишува во соопштението од компанијата.

Проектот Trinity се однесува на еден од најамбициозните зафати на марката за следните години. Автомобилот е конструиран врз новата платформа за електрични модели SSP, и покрај нов оперативен систем, ќе располага и со функции за автоматизирано возење до Ниво 4.

Моделот првично се планираше за 2026 година. Поради големите проблеми со коишто посестринската кломпанија Cariad се соочува при развојот на софтверската архитектура, стартот се одложи за најмалку две години. Шефот на концернот, Оливер Блуме, во меѓувреме направи големи промени во планираните модели за марката Volkswagen, заедно со нејзиниот шеф Томас Шефер.

Електричниот Tiguan ќе излегува од фабриката во Волфсбург

Покрај моделот ID.3 што од годинава ќе почне да се произведува и во тамошните погони, фабриката во Волфсбург ќе добие уште еден електричен модел. Од 2026 година, таму во масовна серија ќе се произведува целосно електричен СУВ-модел од популарниот А-сегмент. Заедно со бестселерот Golf и со штотуку стартуваниот Tiguan, матичната фабрика во Волфсбург ќе биде мошне оптоварена. Од 2025 година, во седиштето на концернот ќе се произведува и наследникот на седумседот Tiguan Allspace.

Отпаѓа планот да се гради нов производствен погон во Варменау, дел од градот Волфсбург. Новите модели што ќе бидат конструирани врз платформата SSP, што е планирано да стартуваат кон завршетокот на деценијава, место во Варменау ќе се произведуваат во постоечките, осовременети структури во фабриката во Волфсбург. „Golf, масовно произведуваната икона на Volkswagen, ќе биде поставен врз платформата SSP и исто така ќе се насочи кон електричната иднина“, се наведува во соопштението.

Посебна платформа SSP за доставните возила

На планираниот E-Golf ќе му се придружи и модел под знакот на марката Cupra. За производството на овие два SSP-модели ќе се извршат темелни преправки во постоечките граници на фабриката.

Фабриката во Оснабрик, покрај производство на актуелните модели на VW со мотори со внатрешно согорување, Arteon и T-Roc Cabriolet, ќе ја продолжи и соработката со Porsche. Тоа ќе биде електричен модел од спортската марка од Цуфенхаузен. Се претпоставува дека станува збор за електричната верзија на моделите од семејството „718“, којашто е планирана за средината на деценијава.

Донесени се крупни одлуки и за марката доставни возила на Volkswagen. Марката со седиште во Хановер, ќе добие посебна верзија на платформата SSP. Таа ќе може целосно самостојно да ги развива и да го произведува своите модели. Овие промени ќе значат многу за искористеноста на трите фабрики во Хановер-Штекен, Вжесња и Познан.

СУВ-моделот од Д-сегментот, со проектно име Landjet, место во Штекен, според новите планови ќе се произведува кај Audi. Засега се работи само за претпоставки дека за производството на Landjet ќе биде ангажирана фабриката во Некарсулм (на таа локација своевремено се произедуваше NSU). Тоа ќе биде прв електричен модел од фабриката, што исто така се соочува со намалена продукција.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More