17.8 C
Skopje
Saturday, July 31, 2021

Volkswagen Golf и Passat ќе имаат наследници, но…

Најчитани вести

Двата модели ќе добијат наследници, што најверојатно не е случај и со моделот Polo

Електрификацијата на палетата на модели на Volkswagen ги стави некако на страна класичните автомобили на марката, па сето тоа предизвика многу шпекулации за нивната иднина. Многумина можеби очекуваа дека повеќето од нив ќе бидат укинати поради новите електрични модели од семејството ID, но како што стојат работите тоа не е така.

Volkswagen официјално објави дека главните модели на марката, вклучувајќи ги Golf и Passat, ќе имаат наследници, и тие ќе продолжат да играат важна улога во иднината на компанијата до 2030 година. На овој начин, производителот од Волфсбург ги сопира гласините дека сегашниот Golf VIII ќе биде последен од ваков вид и ќе биде целосно заменет со новиот електричен хечбек ID.3.

Иднината на Passat изгледаше уште посомнителна, бидејќи фабриката во Емден каде се произведува, од 2022 година целосно се префрла на производство на електрични автомобили. Тука е и фактот дека продажбата на моделот опаѓа на штета на зголемената побарувачка за теренци и кросовери.

Сепак, Volkswagen и официјално се произнесе дека паралелно со својот електричен опсег, компанијата ќе ги развива своите автомобили со мотори со внатрешно согорување. Конкретно, се прецизира дека „главните модели како што се Golf, Tiguan, Passat, Tayron и Т-Roc – ќе добијат наследници“.

“Сè уште ни требаат вакви автомобили за одреден временски период. Затоа, сите овие најголеми глобални модели ќе добијат нова генерација на хибридни технологии кои ќе им овозможат да патуваат до 100 км само на електрична енергија”, вели извршниот директор Ралф Брандстадер.

Ова јасно значи дека двата најважни модели во гамата на Volkswagen – Passat (од 1973 година) и Golf (од 1974 година) ќе продолжат да постојат. Сепак ќе има и такви кои веројатно ќе бидат укинати, вклучително Arteon, како и Touran и Sharan. Истото скоро сигурно ќе се случи со Tiguan Allspace или T-Roc кабриолет.

Но, што ќе се случи со еден друг легендарен модел – Polo? Брандстадер не го спомeнува, но познато е дека за да може да се продаде и да се исполнат еколошките барања, хечбекот, роден 1975 година, мора да се електрифицира. Проблемот е што инсталацијата на хибриден систем ќе го направи значително поскап поради што многу е веројатно дека сегашната генерација на Polo ќе биде последна во историјата на моделот.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести