Две ипол години по официјалното лансирање на електричниот модел ID.3, Volkswagen претстави освежена верзија.
Volkswagen вели дека ID.3 (2024) има значителни подобрувања во втората генерација. Помеѓу останатото, автомобилот доби и најнов софтвер и нови практични и помошни системи.
Во поглед на дизајнот, промените се суптилни, но благодарение на нив ID.3 сепак има повпечатлив изглед – поагресивен преден браник со зголемени отвори за воздух, нови LED предни и задни светла, аеродинамични оптимизирани фелни од легура, црн кров со мат сребрени детали, а во понудата се и две нови бои.
Панелите на вратите во внатрешноста се променети и сега содржат помеки и поголеми површини со подобрени потпирачи за рацете. Внатрешноста не користи материјали од животинско потекло, а користен е голем удел на рециклирани материјали.
Обновениот ID.3 и понатаму го движи истиот електричен мотор кој испорачува 201 КС и 310 Nm вртежен момент. Во понудата и понатаму се батериите со капацитет од 58 и 77 kWh, со кои има автономија од 426 и 546 километри растојание.