Ќе има доволно вода за наводнување за сите земјоделски површини во Овчеполието и Кочанското поле кои се приклучени на Хидросистемот Брегалница. Сепак земјоделците и вработените во Водостопанство, мора рационално да ја користат, порача денеска директорот на АД Водостопанство, Филип Филиповски кој направи увид во системот за наводнување во Чешиново-Облешево.
„Вода за земјоделците во Хидросистем Брегалница ќе има. Рестрикција на водата, нема да има. Но, апелирам таа вода што во моментот ја имаме во браната Калиманци, околу 80милиони метри кубни мора да ја штедиме. И земјоделците и вработените во АД„Водостопанство„мора да се вклучат во рационално штедење на водата, која се користи за наводнување„ изјави директорот на АД„Водостопанство“, Филип Филиповски.
Во меѓувреме веќе е формиран оперативен центар, а е отворена и телефонска линија на која земјоделците, ќе може да пријавуваат дефекти или нерационално користење на водата, а оние што ќе направат упад во системот ќе бидат санкционирани. Иако состојбата во претпријатието е лоша, со помош на вработени од Битола и Скопје, се чисти мрежата за наводнување.
„Изминатиот период обезбедивме санација на сите возила, ќе има и покачување на платите, одредени вработени ќе бидат и наградени. Исчистивме околу 70 % од каналите. Што не е мала работа во услчови на хаварисан целосен систем во АД Водостопанство. Мора да потенцирам, Владата ни помогна , обезбедивме пет плати за вработените. Се обидуваме финансиски да се стабилизираме„ изјави директорот на АД„Водостопанство“, Филип Филиповски,
На денешната прес конференција Филиповски, посочи дека минатата година од браната Калиманци, непотребно биле испуштени околу 20милиони метри кубни вода, поради што сега е десеткувана водата во акоумулацијата. Годинава поради немање доволно вода во браната намалени се и површините кои треба да се посеат со ориз.