Во првото полугодие од годинава во внатрешниот промет спроведени се 24. 335 инспекциски контроли. Изречени вкупно 2 433 инспекциски мерки. Уништени 37,6 тони и 13.654 литри небезбедна храна.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека во тек се вонредни инспекциски контроли во угостителските објекти во целата земја и дека продолжуваат контролите на зелените пазари во Скопје.
АХВ во изминатиот период спроведе вонредни контроли во туристичките центри, вклучувајќи ги и Скопје и Охрид каде што се утврди низа незаконитости кај операторите со храна. За време на контролите во Скопје и Охрид наредено е да се уништат повеќе од 650 килограми храна и се изречени голем број други казни.
Во Скопје се уништени 640 килограми храна од животинско потекло и се издадени 33 решенија за утврдените недоследности, а изречени се и 14 парични казни. На дел од операторите им е изречена и забрана за вршење на дејност до исполнување на условите, а на дел им е наредено регистрирање бидејќи не биле регистрирани за дејноста што ја вршат.
Според АХВ, со контролите во Скопје биле опфатени 62 кафе барови, ресторани, гостилници, сендвичарници, пекарници, слаткарници бурекџилници, ќебапчилници, месарници и чајџилници и кај 10 оператори и магацини за производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храна. Дел од операторите немаат регистрирана дејност.
– Кај некои оператори со храна утврдени се недоследности во однос на хигиената за што е наредено спроведување на мерки за чистење и дезинфекција, немање санирани книшки за вработените, но и недоследности од поголем обем како што се ставање во промет на небезбеден производ, недеклариран производ, чување на храна ва амбиентална температура, а пронајдени се и оператори со нерегистрирана дејност – велат од АХВ.
Оттаму додаваат дека минатиот петок инспекциските служби на АХВ спровеле надзор и во месарница во туристичкиот центар Охрид.
-Поради нечитка декларација и пласирање на небезбеден производ на пазарот, нештетно се уништени 10,7 килограми смеса од мелено месо. На правното лице изречена му е глоба од 1000 евра, а на одговорното лице во правното лице дополнителни 400 евра казна во денарска противвредност – велат од АХВ.
Покрај вонредните засилени контроли, инспекциските служби на АХВ ги спроведуваат и редовните контроли.
Во првото полугодие од годинава во внатрешниот промет спроведени се 24.335 инспекциски контроли. Изречени вкупно 2.433 инспекциски мерки. Уништени 37,6 тони и 13.654 литри небезбедна храна.