„Тоа е тажна вистина. Телото пронајдено во шумата ѝ припаѓа на исчезнатото деветгодишно девојче Валерија. Наше длабоко сочувство до семејството“, изјави денеска началникот на полицијата Карстен Кемпф.
„Валерија стана жртва на злосторство. Го истражуваме случајот како убиство“, додаде тој.
Полицијата вчера во близина на градот пронашла тело за кое не биле сигурни дали е на девојчето, но подоцна откриле дека за жал првичната претпоставка е вистинита – се работело за малата Валерија.
Околу 400 полицајци ја пребарале шумата во близина на градот, а по пет часа пребарување наишле на страшно откритие. Телото било пронајдено околу 14 часот и 30 минути, на само три километри од куќата на мајката на Валерија.
Полициската истрага во моментов е фокусирана на кругот на семејството, објави Ингрид Бургарт, додавајќи дека се уште нема осомничени или уапсени.
„Според извештајот од обдукцијата, нема докази дека девојчето било жртва на сексуална злоупотреба“, додала Ингрид.
Да потсетиме, девојчето кое дошло од Украина, живеело со мајка си во Германија од 2022 година. Нејзините родители биле разведени, а таткото на Валерија служи како војник на украинскиот фронт, објави Украинска Правда.
Малата Валерија не е видена од понеделник, 3 јуни, кога тргнала на училиште. Но, таа не стигнала таму.