Home » Во првиот ред на академијата за 11 Октомври немаше ни министри Албанци ниту претставници од опозицијата

Во првиот ред на академијата за 11 Октомври немаше ни министри Албанци ниту претставници од опозицијата

by Журнал.мк

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова имаше убава порака на крајот од нејзиното денешно обраќање во Музејот на македонската борба посветено на големиот празник 11 Октомври.

Таа рече:

„Како и пред повеќе од 80 години, така и ние денес живееме во период на големи премрежја што можат да се пребродат само со храбри одлуки. Нашите претци се сплотија за заедно да го постигнат она што не можат да го постигнат засебно – слободна македонска држава, втемелена врз праведни идеали. И ние треба да ги оставиме меѓусебните делби и да се сплотиме околу нашата борба, која веќе не е борба за политички слободи, туку за просперитет на државата и нејзините македонски граѓани. Така ќе изградиме иднина за младите во праведно и прогресивно македонско општество“.

Но, од засега непознати причини во првиот ред на малубројната публика присутна на оваа академија, во првиот ред немаше претставници на политичките структури кои треба да покажат дека сплотеноста е многу важна работа во овие времиња. Според фотографиите од настанот немаш ниту еден министер од коалицискиот партнер „Вреди“, таму беа само оние од ЗНАМ, а ниту некој висок претставник на опозицијата.

За волја на вистината, тоа се случува многу години наназад. Официјалните настани на државните празници главно се резервирани за оние што се на власт. Другите ги нема, можеби не се поканети, а можеби и не сакаат да дојдат. Така што ова не е исклучок, иако доаѓа во еден важен момент на повици за обединување на вакви или онакви постулати. Од тие повици засега нема ништо.

Сиљановска во своето обраќање рече дека „во историјата на секој народ постојат периоди на големи премрежја што можат да се пребродат само со храбри одлуки. Таков мрачен период беше Втората светска војна, кога речиси цела Европа беше под фашистичка окупација, и кога Хитлер и неговите сојузници изгледаа незапирливи и непобедливи. Во такви услови, на 11 октомври 1941-та, македонскиот народ посегна по непресушното човеково право на отпор против опресијата, неправдата и окупацијата и храбро, без колебање, ја избра вистинската страна во најголемата војна во историјата на човештвото. 11 октомври е меѓникот што ја одреди нашата иднина, денот кога ние храбро и одлучно се вклучивме во антифашистичката коалиција на слободољубиви и правдољубиви народи.

Херојската борба против фашизмот нè сплоти, нè прероди и ни даде легитимитет како народ да се самоопределиме и да создадеме слободна македонска држава на Првото заседание на АСНОМ“.

Таа рече дека нас никој не нѐ ослободи. „Сами се ослободивме со помош на над 110-илјадната Народноослободителна војска на Македонија. Нам никој не ни ја подари државата. Сами се изборивме за неа. За нас, антифашистичката беше и истовремено и народноослободителна војна во која дадовме 24.000 жртви“.

Затоа, ние не смееме да дозволиме историски ревизионизам и релативизирање на народноослободителната и антифашистичка борба, бидејќи со тоа би се поткопале илинденските и антифашистичките темели врз кои е изградена македонската држава. Со тоа би се обезвреднила жртвата на илјадници млади борци кои несебично гинеа за слободата и правдината. Ние тоа не смееме да го дозволиме“.

Според неа, „секоја нова генерација, вклучително и нашава, треба да даде своја жртва за слободата и за правдата, затоа што само жртвата нè освестува за нивната вредност. А најголема жртва треба да дадат оние кои имаат најголема одговорност – луѓето, политичките лидери, избрани од македонските граѓани да ги застапуваат, да ги претставуваат и со својот личен пример, да се борат за државните интереси“.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk