Home » Во посета на Вашингтон со претседателот

Во посета на Вашингтон со претседателот

by Журнал.мк

Претседателот е во приватна посета на Соединетите Држави и средбата со г. Иглбергер е на негово барање. И секретарот се придружи на состанокот на одредено време. Секретарот и заменик-секретарот му изразија на претседателот Глигоров висока почит за конзистентните напори на водството на Македонија да изнајдат мирен пат кон независност и да ги консолидираат демократијата и пазарната реформа во Македонија. Тие го повторија ставот на САД дека принципите на слободата и потребата од стабилност во регионот бараат брзо решавање на преостанатите прашања меѓу Грција и Македонија.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Посетата на Вашингтон ја паметам по беспрекорната организација што ја изведе лоби групата на Џон Битов. Уште при пристигнувањето добивме убаво испечатени страници ставени во зелени корици насловени „Briefing Book for President Gligorov and Foreign Minister Maleski – visit to Washington D.C. May 13-15, 1992“. Програмата почнуваше со заедничка вечера со Групата за задачи (Task Force).

Утредента беа предвидени разговори со сенаторот Левин, па со заменик-државниот секретар Лоренс Иглбергер, потоа разговори во Светска банка, па со сенаторот Дол и со советникот за национална безбедност генерал Скокрофт.

Вториот ден, на листата на активности беше појадок со новинари, разговори со уредувачкиот борд на „Вашингтон пост“, работен ручек, интервју за Си-ен-ен…

Еден помлад и еден повозрасен член на лобистите инсистираа да го брифираат претседателот пред секоја средба, согласно сето тоа што беше напишано во нивната книшка.

Така, за средбата со Иглбергер, на врвот од страницата стоеше: „Стејт департментот е преокупиран со ситуацијата во Босна, настаните во Русија и растечката криза во Хаити.

Отповикувањето на амбасадорот Цимерман од Белград е подолгорочно. И онака требаше да замине од Белград. Потоа следеа инструкции во форма на „Key Points“ – благодарност за писмото од претседателот Буш; закани за поделба на Македонија; прашање за името; поведението на ЕЗ; краткорочна помош…“.

ГЛИГОРОВ ТРПЕЛИВО ЈА ИГРАШЕ ИГРАТА

Истиот терк беше применет и за другите средби. За средбите со новинарите, лобистите се потрудија да ги предвидат темите и прашањата, како на пример: ,,Дали Бугарите и Грците ви навестија дека ќе ве поддржат во случај на напад од Србија и Грција?“.

Во делот што го насловиле „General Talking Points“: „Ние сме следните што ќе бидат изложени на агресија од Србија, владите на Србија и Грција како да имаат потреба да измислуваат непријатели за да останат на власт, Никому не сме му се заканиле, но нам ни се закануваат со инвазија и поделба.

Нашата стабилност е последната шанса да се сопрат конфликтите на Балканот, Вие гледате на телевизија што прават варварските Срби – насилно раселување, убиства, кражби. Тоа не би смеело да се дозволи од цивилизираниот свет, ако постои нов светски поредок или правда над силата, тогаш тие сѐ уште не стигнале на Балканот…“

Наседнати околу претседателот Глигоров, со книгата в раце, лобистите настојуваа да го „увежбаат“. Јас, пак, застанат зад нив го гледам претседателот и се смешкам. И Глигоров ми се смешка мене зашто знае дека тоа „ја навредува нашата интелигенција“. Сепак, тој трпеливо ја игра играта. Колку да им овозможи да се почувствуваат корисни, си велам.

Најважната средба, без сомнение, беше со заменик државниот секретар Лоренс Иглбергер, кој беше главниот советник на претседателот Буш за кризата во Југославија. Во текот на средбата, влезе една службеничка и му пренесе некаква порака на Иглбергер по што тој стана и го повика претседателот да го следи.

Отидоа, разбрав подоцна, на куса средба со државниот секретар Џејмс Бејкер. Тој ден американскиот Стејт департмент издаде соопштение за јавноста насловено „Состанок на заменик-секретарот со македонскиот претседател Киро Глигоров“ и не ја спомна средбата со Бејкер. Во него се вели: „Заменик-секретарот Иглбергер се состана денеска со Киро Глигоров, претседателот на Македонија.

СРЕДБАТА ГЛИГОРОВ – ИГЛБЕРГЕР

Претседателот е во приватна посета на Соединетите Држави и средбата со г. Иглбергер е на негово барање. И секретарот се придружи на состанокот на одредено време.

Секретарот и заменик-секретарот му изразија на претседателот Глигоров висока почит за конзистентните напори на водството на Македонија да изнајдат мирен пат кон независност и да ги консолидираат демократијата и пазарната реформа во Македонија.

Тие го повторија ставот на САД дека принципите на слободата и потребата од стабилност во регионот бараат брзо решавање на преостанатите прашања меѓу Грција и Македонија. Истакнаа дека блиските и пријателски односи меѓу двете земји е важен елемент за балканската стабилност и регионалниот просперитет.

Претседателот Глигоров потврди дека Македонија нема територијални барања кон соседните држави, ги смета нивните граници за неповредливи, е целосно посветен на принципите на КЕБС и продолжува да ги поддржува посредничките напори визави Грција од страна на ЕЗ“.

Се ближеа американските избори и администрацијата на Буш мораше да го има предвид и расположението на Американците од грчко потекло. И покрај внимателно срочениот текст, во кој е нагласена приватната посета на наше барање, Иглбергер беше убеден дека „ќе има проблеми со грчко-американското население“.

Такаречи уште соопштението необјавено, веќе имало протести кај Бил Монтгомери, соработник на Иглбергер, околу ставот дека „прашањето за името е нешто за што треба да одлучат Македонија и Грција“.

Не разбрав што е тука за протестирање, освен дека и Македонија има право да одлучува за своето име. Нема време за прошетки, брзаме да се вратиме во Скопје.

На пат преку Атлантикот правам потсетник за тоа што ме чека во МНР: Посети – Белгија, Данска…; систематизација…; прием на луѓето што се враќаат од сојузното Министерство за надворешни работи во Скопје…; претставништва (Брисел, веднаш) што со другите…; што имаат да реферираат шефовите на новоформираните сектори…; Албанија/Бериша…; околу затворањето на наш граѓанин во Софија (реакција, нота)…; кадровска комисија…; протокол…; еко самит во Рио 1-12 јуби, 1992 – Глигоров, ќе оди или не?

(Продолжува)

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk