Ставката плати и надоместоци во 2025 година ќе се зголеми за 8,1 насто, или за над 64 милиони евра, достигнувајќи 782,6 милиони евра. Дополнително, пари за плати се издвојуваат и преку блок-дотации. Во Предлог-буџетот за 2025 година може да се видат просечните бруто-плати на сите институции кои се корисници на овие пари. Порталот Пари направи анализа на тие податоци во која разгледува каде просечните плати се највисоки, а каде се најниски. За да бидат износите поблиски до народот, платите ќе ги сведеме од бруто-износ на нето-износ, пишува порталот Пари.
На првото место по плати е Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Таму има 63 вработени, а просечната бруто-плата е 161.533 денари, односно во нето-износ, без данок и придонеси, на сметката на вработените во просек ќе легнат по 105.628 денари месечно.
На второ место е Совет на јавни обвинители. Таму има 16 вработени коишто може да се пофалат со просечна бруто-плата од 147.703 денари, или во нето-износ по 96.665 денари.
„Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија е самостоен државен орган што се стреми кон пополнување на празните јавнообвинителски места, одлучува за одговорноста во постапувањето на јавните обвинители и за нивно разрешување (…), унапредување на информатичко-комуникациските технологии и обезбедување интероперабилност меѓу Советот и јавните обвинителства, комплетно техничко опремување и интеграција на информатичките системи со замена на старата инфраструктура со нова и нејзина имплементација“, пишува во Предлог-буџетот за 2025 година.
На трето место е Влада на РСМ. Таму има 359 вработени, со просечни плати од бруто-износ по 137.226 денари, односно просекот што им легнува секој месец на сметка во нето-износ е 89.877 денари.
Целиот текст на https://pari.com.mk/