Home » Во гимназијата во Тетово нема настава

Во гимназијата во Тетово нема настава

by Журнал

Сè уште не е започнато второто полугодие за учениците од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово. Професорите ја бојкотираат наставата затоа што во последните два месеци платите ги добиле со две недели доцнење. Велат дека со овие доцнења им се нарушува достоинството.

„Навистина е големо потценување бидејќи не е прв пат. Сметаме дека на оваа практика треба да ѝ се стави крај бидејќи според законот платите мора да се исплатат до 15-ти, а на 16-ти можеме и да тужиме. Ова нека биде забелешка затоа што истото се случи и првиот пат. Немаме објаснување зошто доцнат платите, ако доцнат платите макар и еден ден следниот месец, ја известивме дирекцијата, веднаш ќе одиме на бојкот“, вели Исмаил Амити, професор.

„Ова не е нормално бидејќи не е првпат, туку се повторува. Познато е дека најголемиот дел од работниците во образованието имаат кредити, сметки за струја, телефони и сите бараат да се плати, има и камати. Самите функционери го донесоа Законот за плати и самите не го почитуваат. Нашето достоинство е драстично згазено“, вели Ејуп Рамадани, професор.

И покрај тоа што веќе два дена нема ученици во училиштето, директорката вели дека нема официјален бојкот. За ситуацијата ја обвинува политиката.

„Немам никакви официјални информации за бојкот. А, каква политика се случува со гимназијата, гледате политиката е толку длабоко навлезена и наставниците се толку инструментализирани што веќе не знаат кому му служат“, изјави Теута Лала, директорка на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“- Тетово.

Од образовниот сектор во општина Тетово го обвинуваат Министерството за образование.

„Ова нема врска со општината бидејќи блок-дотациите сè уште се во Министерството. Овластувањата ни се вратени пред една недела и во процес сме да бараме од Министерството за образование и наука средства од дотациите за гимназијата да се префрлат од Министерството во општината и тоа ќе се реши. Со префрлање на овие средства кај општината нема да има проблем ниту со платите, ниту со ништо“, Назми Даути. Сектор за образование, општина Тетово.

Инаку, истата оваа гимназија беше причина за раздор меѓу општината и Министерството за образование. Министерството ѝ ги одзеде надлежностите на општината. Но, последната одлука на Управниот суд беше во корист на општина Тетово која повторно си ги доби ингеренциите. Локалните власти најавија дека сега ќе продолжат со постапката за разрешување на директорката Теута Лала, која, според нив, направила злоупотреби.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More