Home » Во дијаспората гласале 809 луѓе, ДИК потрошилa 813 илјади евра

Во дијаспората гласале 809 луѓе, ДИК потрошилa 813 илјади евра

by Журнал.мк

Државната изборна комисија за тендери поврзани со изборите годинава потрошила скоро 3,5 милиони евра.

Интересно е што гласањето на дијаспората за овие избори чинело повеќе од печатењето на ливчињата за сите гласачи. За превоз и сместување на членови на изборните органи на 31 дестинација во светот, каде што гласаше дијаспората, биле потрошени 50 милиони денари, односно 813 илјади евра, а на гласање во дијаспората, во вториот круг на претседателските избори, излегле 809 луѓе.

На пример во Мадрид и во Рим гласале по само 6 избирачи, а во Пекинг гласале осуммина од 12 регистрирани гласачи. По десетмина гласачи излегле во Абу Даби, Детроит и во Осло, а во Канбера и во Софија на гласање излегле по 12 луѓе.

Над 40 отсто од потрошените пари за тендери, односно 1,4 милиони евра биле потрошени на договори склучени со директно преговарање, без оглас, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Со директно преговарање се склучени оние договори кои вределе најмногу пари.

Тендерите биле распишани на време, но потоа биле поништени 15 постапки за јавни набавки (11 целосно, а во 4 постапки се поништени делови од тендерот). Поради тоа се јавила потреба дел од договорите да се склучат преку постапката со преговарање без претходно објавување оглас.

На пример, тендерот за печатење на гласачките ливчиња бил поништен, па печатењето од 746 илјади евра со преговарање го добила печатницата Киро Дандаро од Битола, која била единствена фирма со која се преговарало.

„Вистинската причина за поништувањето не е јавно објавена бидејќи во Известувањето за поништување на постапката е наведено образложение „бројот на кандидати е понизок од минималниот број предвидени за постапката за јавна набавка“. Но, Законот за јавни набавки не предвидува минимален број на понудувачи во отворена постапка, каква што била применета во случајот“, се наведува во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Во истражувањето се наведува дека три фирми ги добиваат тендерите на ДИК за секои избори – печатницата Киро Дандаро од Битола за печатење на доверливиот избирачки материјал, Винсент графика Жељко и други за легитимации, беџеви и печатење промотивен материјал, и ПР агенцијата Идеа лаб – ДЕ за обуки и промотивни материјали.

Овие претседателски и парламентарни избори се најскапите досега. Ако се пресметаат парите потрошени за претседателските во 2019 и парламентарни избори во 2020 година, за нив заедно биле потрошени скоро 770 илјади евра помалку отколку за годинашните комбинирани избори.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More