13 C
Skopje
Friday, May 7, 2021

Во болницата „8 Септември” од утре во функција новата микробиолошка лабораторија

Најчитани вести

Во ЈЗУ Градска општа болница „8 Септември” од утре ќе функционира новата лабораторија за микробиологија, во која ќе се вршат сите потребни бактериолошки и вирусолошки испитувања, а во најскоро време и современи генетски испитувања.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека со отворањето на новата лабораторија услугата ќе биде поблиску до пациентите, односно до сите граѓани кои доаѓаат во оваа институција.

– Дел по дел се надградува капацитетот на оваа болница. Пред неколку недели имавме претставување на една нова метода на интервенција со експертиза, за почеток од странство. Нашите лекари веќе се уходани во имплементирање на новата метода, а тоа е третман на метастатски болести на црниот дроб и дел по дел се зајакнува како инфраструктурно, така и знаењето, со цел оваа болница да може да ги пружи апсолутно сите интервенции, како што е тоа во рамки на Клиничкиот центар во Скопје, истакна Филипче.

Тој најави дека за следната година имаат во план уште неколку активности, кои, како што рече, се провлекуваат повеќе години, а се однесуваат на застарената инфраструктура и поради тоа од почетокот на 2020 година планираат голема акција за инфраструтуктурно подобрување на сите општи болници и здравствени домови и клиники таму каде што е потребно во рамките на јавниот здравствен систем.

Директорот на ЈЗУ „8 Септември”, Христијан Костов рече дека новата лабораторија ќе биде сместена во просториите на претходната Галенска лабораторија и истите тие простории се реновирани и функционално опремени со нова опрема, со што се овозможува соодветно функционирање на оваа микробиолошка лабораторија.

– За почеток микробиолошката лабораторија ќе функционира за пациентите кои се во болничката установа, односно хоспитализираните пациенти, за да по околу две недели ќе биде отворена и за сите пациенти амбулантски третирани, истакна Костов.

Тој додаде дека сите анализи кои ќе се спроведуваат за пациентите ќе бидат под Фондот за здравствено осигурување.

Специјалист микробиолог во болницата „8 Септември”, Андријана Шумановска, рече дека лабораторијата е опремена со најсовремени машини и средства за функционирање, во почетокот ќе бидат овозможени сите бактериолошки испитувања, а во иднина ќе се работат и вирусолошки и молекуларни испитувања, како и најновите генетски испитувања што би можеле да се работат во самата лабораторија.

Во септември годинава во болницата „8 Септември” беше пуштен во употреба новиот Кардиоваскуларен центар во оваа болница, а претходно се финализираше инсталацијата на нов линеарен акцелератор. Станува збор за врвна технологија за третман на малигните заболувања. /МИА

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести