Home » Внимавајте како возите во Австрија, може да ви ја одземат колата

Внимавајте како возите во Австрија, може да ви ја одземат колата

by Журнал

Австрија ги заострува казните за возачите кои возат со голема брзина.Од март 2024 година, тие не само што ќе бидат подложни на високи парични казни, туку во екстремни случаи може да им биде одземен и автомобилот. Новите правила ќе ги погодат и туристите од Германија.

Казните за сообраќајни прекршоци често се значително повисоки надвор од Германија.

За пречекорување на брзината, од 20 км/ч над дозволеното, во Норвешка ќе платите казна од 585 евра, 215 евра во Шведска, 200 евра во Финска, 195 евра во Холандија, 180 евра во Швајцарија и 175 евра во Италија. Во Германија, пак, може да поминете најевтино, со само 60 евра, пишува порталот Феникс Магазин повикувајќи се на информации од германскиот автоклуб АДАК (ADAC).

Но, популарната дестинација за одмор на Германците повторно ги заострува правилата.

Австрија не само што наметнува високи казни за екстремно брзо возење, туку е можно и одзимање на автомобилот од март 2024 година.

За тоа ќе се применуваат следните критериуми: Во градски средини – ако дозволената брзина се надмине за повеќе од 60 km/h, автомобилот може веднаш да биде одземен. Надвор од градовите – ако брзината се надмине за повеќе од 70 km/h, возилото може да биде одземено на лице место. Но, и во двата случаја одземањето е од времен карактер.

Никогаш нема да си го вратите автомобилот, на пример, ако возите повеќе од 80 km/h во урбани средини или повеќе од 90 km/h надвор од градот. Возилото по завршувањето на постапката за сторениот прекршок ќе се најде на аукција во Австрија.

Теоретски, возилата регистрирани во Германија може да бидат одземени во Австрија, според првата проценка на АДАК. Автоклубот во овој контекст, се повикува на слично правило од Италија, каде, ако имате 1,5 промили алкохол во крвта, автомобилот може да ви биде одземен па дури и насилно продаден.

Патем, Австрија не е првата земја која постапува доследно против возачите кои возат брзо.

Слично е и во Швајцарија. Најпознат случај е оној од 2014 година, кога Германец бил фатен како вози повеќе од 200 км/ч на автопат, каде што дозволената брзина е 120 км/ч. Осуден е на затворска казна во Швајцарија, која мораше да ја одлежи во Германија во 2018 година. Запленетиот автомобил во меѓувреме бил продаден на аукција.

И во Германија полицијата може да одземе автомобил од возачи кои брзо возат, но само ако прекршокот е направен во нелегални улични трки.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More