„Венко Филипче, неврохирургот на Заев и неговите избрани 40 потрчковски, не можат да донесат ништо ново ниту добро, како ни за СДС така ни за Македонија“-вака велат од ВМРО-ДПМНЕ за вчерашниот конгрес на СДСМ и избраните нови членови на Извршниот и надзорниот одбор на партијата.
Според најголемата владеачка партија, Филипче не е ново лице на македонската политичка сцена. Оттаму ја критикуваат и одлуката на СДСМ за новата заменик-претседателка. Тврдат дека во новиот раководен состав на партијата нема нови ликови.
-Немањето визија и кадри за учество во новото раководство се гледа и по изборот на Фани Каранфилова Пановска за неговиот заменик, која е поранешна директорка на „Отворено општество Сорос“ и која ја интересираат само високите хонорарци. Во ЦО има лица кои што биле на високи партиски и државни позиции, случајно или не, во периодот кога со партијата раководел неговиот ментор и духовен водач, Зоран Заев. На листата на членови има Централниот одбор има поранешни пратеници, градоначалници, директори, министри, заменици министри, поранешни и сегашни претседатели на општинските партиски организации и сите од периодот на владеење на Заев, порачаа од партијата на Христијан Мицкоски.
На списокот доминираат нови имиња за кои лидерот Филипче тврди оти ќе внесат нова енергија и ќе работат во најдобар интерес на граѓаните. На 30. Конгрес за заменичка на Филипче е избрана Фани Каранфилова-Пановска, која доаѓа на местото на Сања Лукаревска која си даде оставка.
Филипче ги кажа грешките на партијата кои резултираа со историски најлош резултат на изборите. СДСМ занемарила да биде сервис на граѓаните на сметка на политиките насочени кон евроинтеграциите, признава дека партијата била сервилна и кон коалициониот партнер.
Меѓу присутните на конгресот и поранешните лидери на СДСМ, Ковачевски и Бучковски, но не и Зоран Заев.
Филипче, сепак, тврди дека тој му испратил порака во која му посакал успешна работа. Отсуствуваше и Петре Шилегов кој во изминатите недели критикуваше дека партијата станала заробена. Во наредните денови ќе се одржи и првата седница на Централниот одбор кој ќе го избере извршниот, но и потпретседателите и секретарите на СДСМ.
Изборот за нов лидер на СДСМ летово следуваше откако поранешниот претседател на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски се повлече од лидерската позиција на партијата по поразот на двојните избори што се одржаа на 8 мај, кога СДСМ освои најлош изборен резултат на парламентарните избори (154.447 гласа).
Мандатот на новиот претседател, според актуелниот партиски статут, ќе биде до март 2025 кога би требало да има редовни избори за лидер кој би ја водел партијата во следните четири години.