Сè уште нема официјална одлука како ќе постапуваат пратениците од коалицијата ВЛЕН во Собранието, по напуштањето на Алијанса за Албанците од ВЛЕН. Шефот на пратеничката група, Халил Снопче, кој доаѓа од редовите на АА на Арбен Таравари, нагласува дека засега нема најава дека коалицијата ќе делува одвоено во парламентот.
„Во моментов нема најава ниту од наша страна ниту од страна на нашите партнери дека ќе се делува со одделни пратенички групи. Тоа значи дека сè уште делуваме како заедничка пратеничка група. На крајот на краиштата, овие одлуки, било од едната, било од другата страна, се однесуваат на идните локални избори“, рече Снопче.
Претседателот на БЕСА, Билал Касами, денеска потенцираше дека сè уште не е разговарано како ќе функционира пратеничката група, но изјави дека секој пратеник е добредојден во пратеничката група на ВЛЕН, доколку е подготвен да биде дел од трансформацијата на коалицијата во политичка партија.
„Тоа се чекори кои ќе треба да ги преземеме од овој момент натаму, во консултација со пратениците. Секако, за нас е важно коалицијата ВЛЕН да продолжи во својот дух. Секој пратеник е добредојден да биде дел од таа пратеничка група на коалицијата ВЛЕН и секој пратеник кој ќе биде подготвен да биде дел од процесот на хомогенизација и создавање на политичка структура на коалицијата ВЛЕН е добредојден“, рече Касами.
Пратеничката група на коалицијата ВЛЕН во моментов брои 14 пратеници. Петмина се од Алијанса за Албанците, по тројца од Демократско движење и Алтернатива, двајца од БЕСА и еден независен пратеник, Беким Ќоку. Според Деловникот на Собранието, за да се формира пратеничка група се потребни најмалку пет пратеници, што значи дека Таравари може да формира своја група доколку се согласат пратениците Халил Снопче, Ријад Шакири, Мимоза Муса, Садик Сулејмани и Салим Сулејмани.