Home » Владина делегација на чело со Мицкоски во Приштина – свечено ги пречека премиерот Курти

Владина делегација на чело со Мицкоски во Приштина – свечено ги пречека премиерот Курти

by Журнал.мк

Во македонската делегација е речиси целиот владин состав. Со интонирање на македонската, а потоа и на косовската химна, со највисоки почести денеска во Приштина беше пречекан премиерот Христијан Мицкоски од страна на својот косовски колега, премиерот Албин Курти.

Во македонската делегација е речиси целиот владин состав.

Македонската и косовската влада денеска ќе одржат заедничка меѓувладина седница во Приштина, по која ќе бидат потпишани протоколи и меморандуми за соработка во три области.

Со првиот меморандум, како што информираа утринава од Владата, ќе се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас Косово – Северна Македонија.

Вториот е информација за склучување на Протокол помеѓу Владите на Северна Македонија и Косово за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување, и начинот на одржување на објектите.

Третиот документ е меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Северна Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово со кој, како што посочуваат од Владата, имаат за цел подигање на квалитетот во стручното образование и обука и во образованието на возрасните во двете држави.

Пред почетокот на меѓувладината седница предвидено е премиерите Мицкоски и Курти да одржат тет-а-тет средба, а таква средба ќе има и меѓу министрите на двете влади.

Нешто пред 14 часот Мицкоски и Курти ќе одржат заедничка прес-конференција.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk