Министерот за здравство Арбен Таравари преку Фејсбук соопшти дека владата на денешната седница ги забранила онлајн игрите на среќа и коцкањето преку интернет.
Одлуката е донесена откако Собранието протолкува дека лиценца за да организира онлајн коцкање има само Државна Лотарија.
Таравари објави дека е радосен поради тоа што „од денес во оваа држава се се забранува и се казнува онлајн коцкањето.“ Според министерот за здравство, единствените кои не се согласуваат со одлуката се некои поранешни функционери на ДУИ кои изградиле коцкарски империи со издавање на лиценци на српски и црногорски компании.
Претходно, законодавната комисија во Собранието утврди дека е оправдано бараањето за автентично толкување поднесено од коалицијата „Вреди“.
Во државата има вкупно 5 компании за онлајн коцкање, покрај Државна Лотарија, останатите 4 се во мешовита сопственост, Државна Лотарија има мнозински удел од 51%, но управувањето е во рацете на странскиот партнер. Државата наместо да наплати, вложуваше лиценца за онлајн коцкање додека странските партнери вложуваа пари како оперативни трошоци.