Покрај предлогот за распуштање на парламентот, владата на Србија на денешната седница донела одлука за распуштање на градското собрание на Град Белград и формирање на Привремена управа, а исти одлуки се донесени и за уште 64 градови и локални самоуправи ширум државата
Владата на Србија до претседателот Александар Вучиќ испрати предлог за распуштање на Народното собрание и распишување парламетарни избори, јавуваат денеска српските медиуми.
Одржувањето на нови парламентарни избори во постојните околности, како што се наведува во соопштението на српската влада, ќе обезбеди повисок степен на демократија и намалување на тензиите меѓу спротиставените опции во општеството, отфрлање на ексклузивноста и говорот на омраза и афирмирање на правото на слободно изразување на мислења и ставови за одредени политички, економски и други прашања, вклучително и натамошна афирмација на европските вредности.
Во предлогот за распуштање на парламентот, меѓу другото, се наведува дека неодамна имало барања од дел од јавноста за распишување вонредни парламентарни избори, а дека на 11 септември такво барање до претседателот на државата поднеле дел од опозициските партии во Србија.
„Владата, тргнувајќи пред сè од ова барање, зазеде став дека спроведувањето на изборниот процес, како еден од основните постулати на едно демократско општество, ќе биде добра можност да се разгледа политичката сила на аргументите, досегашните перформанси и плановите на сите актери на политичката сцена и да им овозможи на граѓаните слободно да ја изразат својата волја во која насока треба да се движи Република Србија“, се наведува во соопштението на Владата на Србија кое го пренесуваат тамошните медиуми.
Покрај предлогот за распуштање на парламентот, владата на Србија на денешната седница донела одлука за распуштање на градското собрание на Град Белград и формирање на Привремена управа, а исти одлуки се донесени и за уште 64 градови и локални самоуправи ширум државата.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претходно најави дека на 17 декември ќе се одржат вонредни парламентарни и локални избори во повеќе од 60 локални самоуправи.