Home » Влада со 24 члена – Македонија како африканските земји и како Србија на Вучиќ

Влада со 24 члена – Македонија како африканските земји и како Србија на Вучиќ

by Журнал.мк

Со новата влада, Македонија доби четири министерства плус, двајца вицепремиери плус, односно новата влада ќе брои вкупно 24 члена, заедно со новиот премиер. Новите министерства ги смисли токму мандатарот, кој најавува намалување на јавната администрација за повеќе од 10 проценти. Тврдат дека нови вработувања во новите министерства нема да има, но законот, кој се изгласа за нецели два дена, единствено упатува на заклучок дека се донесе само за задоволување на коалициските апетити. Зголемената бројка е спротивна на најавените реформи и кратењето на администрацијата. Собранието денеска во 11 часот треба да ја почне седницата за избор на новата влада, предложена Мицкоски.

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Само во земјите од Африка и во земјите од соседството има толку многу министерства како во Македонија, коментира долгогодишниот професор по административно право и јавна администрација, Борче Давитковски, кој веќе е во пензија, но секогаш јавно ги коментира политичките одлуки што се во домен на неговата област.

Новиот мандатар Христијан Мицкоски сам си ги предложи измените, преку ноќ обезбеди двотретинско мнозинство и во Собранието се изгласа Законот за реорганизација на министерствата, чие официјално име е Закон за организација на работа на органите на државна управа (ЗОРОДУ).

Официјално, со измените на Законот, бројот на министерствата од претходните 16 се зголеми на 20 министерства. Колку ќе чинат овие, како што ги нарекува Давитковски, „шнајдерски“ измени, не се знае, но со оглед на тоа што бројката нема да биде само 20, граѓаните ќе треба да плаќаат 20 министри, нивни заменици, вицепремиер и плус министер без ресор.

– Споредбата со африканските земји ја правам, со оглед на тоа што колку некоја земја е посиромашна, толку повеќе министерства има. Еве земете ја за пример владата на нашиот северен сосед, има околу 30 министерства.

Западноевропските развиени земји имаат 13, 14 министерства. Англиската влада има 13 ресори – вели за „Фокус“, Давитковски, кој е дециден дека зголемувањето на министерствата е единствено за политички пазар.

Германија и Франција имаат по 15 министерства, додека, пак, Словенија 19. И навистина речиси и да нема држава во Африка во која има помалку од 20 министерства.

Во Египет, заедно со премиерот, има вкупно 33 членови на владата. Во Нигерија, пак, има 26 министерства, меѓу кои има посебно Министерството за породување и продуктивност, Министерството за работа и домување итн. Додека, пак, владата на Танзанија има вкупно 31 член на владата.

Но, да не одиме подалеку, во Србија, владата предводена од претходната премиерка Ана Брнабиќ, броеше 18 министерства и три министри без ресор.

Новата српска влада, пак, што беше изгласана во мај годинава на чело со Милош Вучевиќ, има 25 министерства и пет министри без ресор, што значи бројката е зголемена за дури седум министерства и има двајца министри без ресор.

Минатата влада, која ја водеа СДСМ и ДУИ, воведе ново министерство за политички систем, кое го водеше Артан Груби. Ако тогашната опозиција, а сегашна власт го критикуваше најмногу ова министерство и Груби, сега од него направи два ресори, Министерство за односи со заедниците и уште еден ресор за политички систем.

Мандатарот Мицкоски веќе ја стокми новата влада, во која ќе има 24 членови, заедно со него како премиер. Претходните 16 министерства се трансформирани во 20, што значи ќе има 20 министри и нивни заменици, дел од вицепремиерите, односно тројца ќе бидат и министри, додека, пак, двајца плус ќе бидат само вицепремиери, а еден министер ќе биде без ресор.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More