Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) излезе со предупредување и детални препораки за заштита на населението поради најавените екстремно високи температури и зголемен ризик по здравјето. Според ИЈЗ, кога амбиентната температура се приближува или ја надминува нормалната телесна температура од 36,7°C, телото потешко се лади, што може да доведе до сериозни здравствени проблеми.
Особено загрозени се лицата над 60 години, децата, бремените жени, хронично болните, лицата со дебелина, ментални нарушувања и оние кои примаат специфични терапии. Ризикот е зголемен и за оние што работат или престојуваат на отворено во најжешките делови од денот.
ИЈЗ препорачува:
– Избегнување изложување на сонце од 11 до 17 часот
– Носење светла, лесна облека, капа и очила
– Престој во климатизирани простории или под сенка
– Затворање прозорци и ролетни во текот на денот
– Зголемен внес на вода, избегнување алкохол и засладени пијалаци
– Консумирање лесна, немасна храна
– Чести туширања или ладење на телото со облоги
– Почитување на редовната терапија кај хронично болните
Доколку се појават симптоми како слабост, вртоглавица, сува уста, гадење или потешкотии со дишење, препорачливо е итно да се побара лекарска помош. Во случај на губење на свест, повикајте 194 или 112 и применете мерки за прва помош: преместување на лицето на студено место, хоризонтална положба со подигнати нозе, ладење со облоги и вода, без давање терапија.
Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), денешниот ден ќе биде сончев и многу топол, со температури до 36°C. Попладне се можни локални нестабилности со пороен дожд и грмежи. Од понеделник се очекува освежување со северен ветер и намалување на температурите за 3 до 5 степени.
Институциите апелираат на внимателност и солидарност – особено кон најранливите категории.