Трајков ќе одржи и предавање пред студентите на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, кој важи за еден од најпрестижните универзитети во Европа и моментално е рангиран на 52-то место во светски рамки.
Заменик министерката за европски прашања и заменик главен преговарач со ЕУ, доц. д-р Викторија Трајков од денес ќе биде во дводневна работна посета на Будимпешта, каде што ќе има повеќе активности насочени кон унапредување на политичката, економската и образовната соработка меѓу Република Македонија и Унгарија.
Оваа посета е дел од заложбите за зацврстување на билатералните односи со земјите-членки на Европската Унија и за засилување на поддршката што Македонија ја добива во процесот на европска интеграција во Унгарското претседателство со ЕУ.
Доц. д-р Трајков ќе одржи и предавање пред студентите на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, кој важи за еден од најпрестижните универзитети во Европа и моментално е рангиран на 52-то место во светски рамки.
Темата на предавањето ќе биде посветена на европската иднина на Македонија, предизвиците со кои се соочува земјата во процесот на интеграција. Оваа можност е особено значајна, бидејќи ќе им овозможи на студентите во Унгарија одблиску да се запознаат со перспективите на нашата држава и нејзините заложби за европскиот напредок. Преку ова предавање, доц. д-р Трајков има за цел да ги зајакне врските со академската заедница во Унгарија и да ја промовира нашата земја како активен учесник во европските иницијативи и процеси.
Во рамките на посетата, заменик министерката Трајков ќе се сретне и со унгарскиот министер за европски работи, Јанош Бока.
Покрај ова, доц. д-р Трајков предвидено е да се сретне и со претставници на Фондацијата за граѓанска Унгарија, која е партиска фондација на ФИДЕС, водечката политичка партија во Унгарија. Фондацијата за граѓанска Унгарија има значително искуство во развивање на иницијативи кои ги охрабруваат младите и ги поддржуваат европските вредности и таа соработка може да придонесе за зголемено учество на граѓанските организации од нашата земја во заедничките европски програми и проекти.
Како дел од работната посета во Будимпешта заменик министерката Трајков ќе се сретне и со Петер Старај, државен секретар за безбедносни прашања во унгарското Министерство за надворешни работи.
Предвидени се и средби со македонската дијаспора во Будимпешта како и значајни личности од општествениот и политичкиот живот кои се од взаемно значење за двете земји.