Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, објави дека повеќето барања на жителите од Долно Оризари се реализирани, со што се подобрени условите за живот и безбедност во оваа населено место.
Во рамки на четиригодишниот мандат, целосно се реконструирани 11 улици, поставено е ново улично осветлување на влезот во населбата, како и пешачка патека што овозможува побезбедно движење на граѓаните.
Коњановски, кој заедно со дел од жителите и претставници на локалната заедница го промовираше завршувањето на овие инфраструктурни зафати, истакна дека се работи за исполнување на конкретни ветувања и решавање на долгогодишни проблеми:
„Барањата на граѓаните се наши обврски. Со обновените улици, осветлениот влез и новата пешачка патека, жителите на Долно Оризари добиваат услови какви што заслужуваат“, порача градоначалникот.
Овие инвестиции, како што најави Коњановски, се дел од поширока програма за развој на локалната инфраструктура во битолските урбани и рурални заедници.






