Иако официјалната летна сезона во Грција започна во саботата, пожарникарите веќе со недели се справуваат со бројни пожари што избувнуваат низ островите во Егејското Море и долж брегот.
На островот Хиос, во источниот дел на Егејот, во близина на турскиот брег, избувна сериозен шумски пожар кој веќе 48 часа беснее и се шири на три одделни фронта.
Според грчкиот портал Катимерини, во текот на утринските часови, околу 06:00 по локално време, властите двапати испратија СМС-пораки со повици за превентивна евакуација на населението во подрачјата Реста и Агиа Параскеви, во реонот на Кариос.
Со првото дневно светло, повторно беа активирани противпожарни авиони „Канадер“, а дополнителни пожарникарски екипи беа испратени со бродови од атинското пристаниште Пиреја.
Во акцијата за гаснење досега се вклучени 190 пожарникари со 38 противпожарни возила, како и четири воздушни единици. Се очекува пристигнување на дополнителни засилувања.
A fire is currently raging near the 33m2 supermarket — The blaze on Chios is out of control. The situation is very serious. (June 22, 2025)Location: Chios, Greecepic.twitter.com/CL3XDcDjei— Weather Monitor (@WeatherMonitors)June 22, 2025
Од неделата досега, наредена е евакуација на околу 15 населени места, меѓу кои: Агиос Маркос, Вронтадос, Кариес, Варваси, Еврети, Вавилои, Дафнонас, Верверато, Калкио, Василеонико, Гру, Зифиас, Агиос Макагиос Вронтадос, Агиос Пагина, Агиос Панари, Гиос Панорама и Панагија Војтиа.
На самиот остров пристигна и тимот на Дирекцијата за справување со пожари (DAEE), по наредба на началникот на Државната противпожарна служба, генерал-потполковник Теодорос Вагијас. Во соработка со Одделот за државна безбедност на грчката полиција (ЕЛАС), започната е истрага за причините за избувнувањето на пожарите.
Локалните власти во неделата наредија евакуација на неколку илјади жители на помалите населби, откако огнената стихија излезе од контрола поради силните ветрови. За среќа, нема жртви, но материјалната штета е значителна.