Home » ВИДЕО: Дожд од голови крај езерото, Силекс го понижи актуелниот шампион

ВИДЕО: Дожд од голови крај езерото, Силекс го понижи актуелниот шампион

by Lina Muslija

Екипата на Силекс прикажува одлична форма и комплетно го надигра актуелниот шампион, Струга Трим Љум, славејќи со огромни 1-4 (0-0) на гостувањето во десеттото коло од Првата македонска лига. Тимот на Александар Васоски во второто полувреме прикажа извонредна игра и до врв ја наполни мрежата на стружани.

  • Струга Трим Љум – Силекс 1-4: 

Натпревсрот започна со силно темпо и динамична игра на двете страни, но стружани делуваа за нијанса помотивирано и се обидоа уште во раната фаза да го загрозат гостинскиот гол. Силекс беше солиден во дефанзива и се обидуваше да истрчува во контра напади, а во два наврата успеаја и посериозно да го предизвикаат голманот Ќосевски. Избраниците на Александар Васоски делуваа дека нема да бидат лесен плен за шампионот, но стружани и натаму се обидуваа да го скршат ривалот и имаа поголема иницијатива во периодот околу 35. минута. Силекс малку се охрабри и тргна во посилен напад во последните десет минути, но благата доминација не вроди со сериозен плод и на паузата екипите заминаа со почетните 0-0.

Стартот на вториот дел одново донесе силно темпо и обид на стружани да ја начнат гостинската мрежа, но набрзо потоа следуваше шок за домашната публика. Силекс одигра една одлична акција по левата страна, топката дојде до напаѓачот Ади Алиќ, кој немаше проблем да ја затресе мрежата од само 2-3 метри. Гостите водеа со 0-1 во 61. минута и добија мотив плус за остатокот од натпреварот.

Екипата на Ќатип Османи тргна во посилен налет по примениот погодок и бргу создаде 2-3 добри шанси, но среќата беше на страната на гостите. Домаќините упатија два удари, но едниот беше одбранет од Џеков, а вториот мина само неколку сантиметри крај левиот дирек. Силекс во овие моменти се повлече на својата половина, а тоа успеа да го казни актуелниот првак, кој израмни по еден корнер од десната страна. Најумешно се снајде Србинот Сава Радиќ и стружани израмнија на 1-1 во 75. минута.

Темпото малку се разгоре, домашната публика бараше целосна офанзива на своите миленици, па Струга Трим Љум се обидуваше во завршниот период да дојде и до комплетен пресврт. И во моментите кога се чинеше дека шампионот ќе успее да ја оствари целта, следуваше една контра на Силекс, по која најдобро се снајде Гамбиецот Маронг, кој биеше од десетина метри и донесе ново водство за кратовчани.

Гостите поведоа со 1-2 во 83. минута, а веднаш потоа следуваше нов „студен туш“ за Струга, откако Леонид Игњатов со прекрасен лоб удар го матираше Ќосевски и го најави триумфот за својот тим. Шампионот  јалово се обидуваше повторно да се врати во игра, но без особен успех. Конечните 1-4 беа дело на Марко Ѓорѓиевски, кој ја „измеша“ домашната одбрана и стрелаше прецизно во 91. минута.

Кратовскиот прволигаш сега се искачи на третата позиција со вкупно 17 бода, додека Струга останува останува на 15 бода, доволни за петтото место на првенствената табела. Во следното коло шампионот ќе гостува во Тетово кај Шкендија, додека Силекс ќе ја има фаворитската улога на домашен терен против Беса 1976.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk