Екипата на Брера Струмица на домашен терен направи луд пресврт против Шкупи, победи со 4-3 и опстанокот во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) ќе се решава во последните две кола. За директен опстанок ќе се борат Брера и Беса, едниот од нив ќе мора во баражот.
Дуелот во Струмица беше доста динамичен, се играше на двете страни уште од почетокот и се создаваа шанси. Главна опасност кај Брера беше капитенот Мартин Ѓорѓиевски кој се закануваше. Иницијативата донесе гол за домашниот тим во 28. минута, кога Стефан Наумчевски од прекин погоди за 1-0. Сепак, Шкупи не чекаше долго, па преку Џелил Асани исто така од прекин во 32. минута израмни на 1-1. Ѓорѓиевски потоа имаше добар шут, кој заврши во рацете на Мељачи. Пред крајот на паузата, Џелил Ибиши влезе по левата страна и го проигра Демир Имери, кој погоди за 1-2.
На стартот на вториот дел, Вргов го спречи обидот на Анса од Шкупи, а потоа тежиштето се префрли на спротивната страна каде Ндзенгуе имаше обид, но Мељачи го прочита. Направија домашните замена, ја освежија играта со Ристов на местото на Аризанковски и тоа позитивно влијаеше на тимот.
Шкупи во 72. минута постигна гол за 1-3, по една грешка на Травали и лошо враќање, казни Кадриу. Но, потоа следеше кам-бекот на домашните од соништата. Во 72. минута Ндзеуенге погоди за 2-3, а во 91. минута следеше пенал кој во гол го претвори капитенот Ѓорѓиевски. И кога сите чекаа крај, во 96. минута, Олаосебикан нафрли до Хаџи Драме, тој ја прими топката во шеснаесетникот и го совлада противничкиот голман.
Во следното коло, Брера гостува кај Струга Трим Лум, додека Беса по три службени бода од мечот со Воска Спорт, гостува кај Пелистер.