Барселона запиша рутинско славје на „Ел Алкораз“ кај Хуеска во рамките на 17. коло од Примера и со 0-1 (0-1) ги освои трите бода. Френки Де Јонг беше стрелец на единствениот гол, за резултат кој не ги отсликува најреално работите од теренот. Барса доминираше и притискаше, но успеа да постигне само еден гол кој беше доволен за победа.
Уште на стартот каталонскиот тим наметна свое темпо и притискаше околу голот на домаќинот. Иако силно притискаа и напаѓаа, фудбалерите на Барселона на првиот гол чекаа до 27. минута. Лионел Меси проби по левата страна и атрактивно му нафрли на Де Јонг, кој во скок ја смести топката во мрежата на Хуеска (0-1).
Пред паузата за полувремето Лионел Меси се посрамоти, бидејќи од зицер позиција не успеа да ја смести топката во голот на Фернандез и истата заврши далеку крај голот. Аргентинецот имаше и уште една шанса, која голманот ја одбрани.
Во продолжението од средбата Барселона ја олабави доминацијата и не притискаше како во првиот дел, но сепак ја одржуваше контролата на играта и диктираше темпо. Слично како и во првиот дел, Меси имаше и уште една добра шанса која заврши со интервенција на Фернандез. Сепак, голот на Де Јонг беше доволен за трите бода и моментален пласман на петтата позиција од табелата.