Home » [ВИДЕО] Адаптацијата на култниот роман од страна на Нетфликс ги надмина сите очекувања – има 94% на „Rotten Tomatoes“

[ВИДЕО] Адаптацијата на култниот роман од страна на Нетфликс ги надмина сите очекувања – има 94% на „Rotten Tomatoes“

by Lina Muslija

Романот „Сто години самотија“ (Cien años de soledad), на нобеловецот Габриел Гарсија Маркес, ја доби првата играна адаптација, која ги надмина сите очекувања на љубителите на романот.

Адаптацијата во форма на телевизиска серија пристигна на Нетфликс на 11 декември и веќе е голем хит – моментално е шеста најгледана серија на стриминг сервисот ширум светот.

 

 

Серијата, во режија на Алекс Гарсија Лопез и Лаура Мора, е снимена со одобрение на семејството на Гарсија Маркес. Семејството инсистирало серијата да се снима во Колумбија и да глумат само колумбиски актери. Синовите на писателот Родриго и Гонзало Гарсија работеа на серијата како извршни продуценти.

За што се работи?

„Сто години самотија“ е приказна за седум генерации на колумбиското семејство Буендија, кое живее во измислениот град Макондо. Низ децениите, семејството имало периоди на успеси и загуби, а во сржта на сето тоа се ликовите кои се борат со осаменоста, амбициите и бегството од сопствената судбина и минатите одлуки. Приказната се смета за алегориска претстава на историјата на Колумбија.

Првата епизода од серијата започнува со првата реченица од романот, која гласи: „Многу години подоцна, гледајќи во очите на стрелачкиот вод, полковникот Аурелиано Буендија ќе се сети на тоа дамнешно попладне кога неговиот татко го однел да го види мразот“.

Потоа гледачите се запознаваат со Хозе Аркадио Буендија и неговата сопруга Урсула Игуаран. Бидејќи Хозе и Урсула се братучеди, мајката на Урсула ги предупредува дека нивните деца ќе бидат деформирани и ќе изгледаат како животни.

Двојката живее идиличен живот додека Хозе не го убие соседот кој на шега му рекол дека е импотентен затоа што сè уште нема деца. Иако е прогласен за невин за убиството затоа што ја бранел честа на својата сопруга, Хозе решава да го напушти селото откако него и Урсула почнува да ги прогонува духот на убиениот сосед.

Придружувани од пријателите кои бараат авантура, Хозе и Урсула тргнуваат во потрага по место каде ќе најдат спокој. По неколку месеци напорно патување покрај брегот на реката, тие решаваат да го основаат селото Макондо, каде што започнува приказната за семејството Буендија.

Критичарите се воодушевени

Бидејќи романот „Сто години самотија“ е едно од најважните постмодернистички достигнувања и еден од најважните романи на шпански јазик, очекувањата беа големи, а љубителите на романот беа скептични пред премиерата на серијата. Меѓутоа, гледачите се согласија дека серијата е една од најверните адаптации кои Нетфликс некогаш ги има направено.

На веб-страницата „Rotten Tomatoes“, серијата Сто години самотија има дури 94% врз основа на критиките на критичарите и 89% врз основа на рецензиите на гледачите.

 

 

Хелен Кофи, која пишува за порталот „Independent“, ја нарече серијата совршена адаптација на книгата, а со тоа се согласи и Арамид Тинубу, критичарка на порталот „Variety“.

„Ако серијата „Сто години самотија“ има една мана, тогаш тоа е можеби фактот дека е премногу верна на книгата. Голема пофалба за сценаристите кои не ги разубавија ниту сензационалистички не ги прикажаа грдите, но симболично значајни аспекти на приказната, како што се самоповредувањето и инцестот“, напиша Џуди Берман за „Time“.

Љубителите на серијата на Редит исто така имаа само пофални зборови за серијата.

 

 

„Зошто никој не зборува за Сто години самотија? напиша еден гледач. „Ја гледав првата епизода и ова изгледа како верна адаптација. Серијата е визуелно прекрасна, а актерите се добри“.

„Ова е најверната адаптација на роман во последните години“, додаде друг. „Серијата е убава, елоквентна и дефинитивно вреди да се препорача. Книгата навистина беше третирана со најголема почит и поради тоа го почитувам продуцентскиот тим“.

Инаку серијата на Нетфликс „Сто години самотија“ ќе има 16 епизоди. Првите осум епизоди се достапни на стриминг сервисот, а засега не се знае кога вториот дел од серијата ќе ја има својата премиера.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk