Home » Вештачка интелигенција ги дешифрира мистериозните свитоци откриени на Везув

Вештачка интелигенција ги дешифрира мистериозните свитоци откриени на Везув

by Журнал

Нат Фридман, коосновач на проектот „Предизвикот Везув“, објави дека главната награда од 700.000 долари за дешифрирање на текстот на антички папирус пронајден во античка римска вила во Херкуланеум во јужна Италија му е доделена на тимот составен од Лук Фаритор, Јусеф Надер и Џулијан Шилигер.
Античкиот римски град Помпеја не бил единствениот град уништен во катастрофалната ерупција на големиот вулкан Везув во 79-та година од нашата ера. И градот Херкуланеум исто така бил уништен од облак жежок гас. Во една од палатите што, веројатно, му припаѓала на човек по име Писо, биле пронајдени стотици непроценливи свитоци од папирус, чии текстови биле јагленосани од вулканскиот гас. Откривањето на текстот на овие свитоци започна благодарение на технологијата развиена од компјутерскиот научник Брент Серлс од Универзитетот во Кентаки (САД). Користен е методот на „виртуелно расплетување“ на оштетените свитоци, кој комбинира дигитално скенирање со микрокомпјутерска томографија, овозможувајќи пристап до текстот без физички контакт.

Нат Фридман и Даниел Грос го започнаа проектот „Предизвикот Везув“ за да го направат дешифрирањето на содржината во наведените папируси. Неочекуван успех се случи кога студентот Лук Фаритор, кој стажирал во „Спејс икс“, го прочитал првиот текст од папирусот со помош на модел за машинско учење. Јусеф Надер, египетски студент по биороботика во Берлин, пак, ги дешифрирал буквите на папирусот. Џулијан Шилигер, студент по роботика на универзитетот ЕТХ (Цирих, Швајцарија), ги употребил алатките за сегментација што овозможиле тродимензионално мапирање на папирусот. Тројката потоа формирала „супертим“, кој извлекол 15 колони текст од јагленосани свитоци од папирус. Свитоците останале закопани под вулканска кал додека не биле откопани во 1700-тите години од просторија за која археолозите веруваат дека била лична работна библиотека на епикурејскиот филозоф Филодем од Гадара (1 век). Можно е да има уште свитоци закопани во сè уште неископаните долни катови на замокот.

Неколку отворени фрагменти им помогнале на научниците да идентификуваат голем број грчки филозофски текстови, вклучувајќи го и текстот „За природата“ на Епикур, неколку текста од Филодемус, како и неколку латински дела. Сепак, повеќе од 600 свитоци биле толку кревки што долго се верувало дека никогаш нема да може да се прочитаат затоа што може да се распаднат дури и само ако се допрат.
Експертите имаа цел да го усовршат процесот на автоматска сегментација, така што еден ден ќе биде можно да се скенираат и да се прочитаат сите досега откриени 800 свитоци, како и кој било друг документ на папирус што би можел да биде откриен на локацијата.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More