Пратениците во грчкиот Парламент, вечерва (7 март) ќе одлучуваат по барањето на четирите опозициски партии за гласање недоверба на Владата поради железничката несреќа кај Темпи, додека низ цела Грција закажани се нови протест, јави МИА.
Гласањето е на крајот од тридневната расправа што започна во средата, а засега, не се очекува предлогот да биде изгласан, со оглед на тоа што пратеничката група на владејачката Нова демократија има мнозинство од 156 пратеници, од вкупно 300 во Парламентот.
Иницијативата е на ПАСОК, со поддршка од СИРИЗА, Нова левица и Курс на слобода, а барањето што е потпишано од 85 пратеници, се фокусира на железничката несреќа кај Темпи и безбедноста на транспортот, но се осврнува и на владеењето на правото, скандалот со прислушувањата и поскапувањата на цените.