И, додека Вардар постепено си формира езера каде што природниот тек му е ограничен, да потсетиме дека хидролозите со години укажуваат дека галиите, врбите и мостовите и секоја друга градба го стеснува просторот за проток на водата и претставува брана. Дека коритото мора да се исчисти од нив.
Состојбата со реката Вардар ја покажува тоталната негрижа на сите досегашни градски и државни власти, без исклучок. Некој многу повеќе, некој помалку, но сето тоа се сведува на она што денеска го имаме – река со матни и загадени води, која се „мачи“ да се пробие низ Скопје поради разноразните поставки и градежни зафати токму во нејзиното корито.
Пред осум години, во времето на антиквизацијата на градот, во Вардар беше сместена првата галија, потоа втората, па третата. Требаше да бидат шест, по три од двете страни (за среќа до толку не биднаа). Се засадија жални врби во реката во бетонски жардиниери, па се поставија некакви фонтани. Оти, нели, малку беше сиот простор надвор од коритото на реката за да се гради, па мораше и среде Вардар. Потоа со години се градеше мостот каде што требаше да се смести панорамското тркало, поради кој до лани под него беше блокирано половина од коритото.
Сега истото се случува со изградбата на мостот „Генерал Михајло Апостолски“ во Аеродром, која не се знае ни кога ќе заврши.
Ништо страшно, нема опасност од поплави, туку само од заезерување. Вака ја објасни состојбата директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, откако Вардар се излеа на кејот на потегот од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување до мостот во изградба. Поради зголемениот испуст на вода од Матка за производство на електрична енергија, зголемен е и водостојот на Вардар, а под мостот што се гради изграден е насип со кој е попречен протокот на водата. Ама важно е дека сѐ е под контрола. Доколку дошло до обилни врнежи и топење снег, компанијата што гради ќе пробива тунел во насипот или сосема ќе го отстрани.
Ете така, лабавко се сфаќаат работите. Важно сите излегоа на терен и го констатираа истото.
И додека Вардар постепено си формира езера каде што природниот тек му е ограничен, да потсетиме дека хидролозите со години укажуваат дека галиите, врбите и мостовите и секоја друга градба го стеснува просторот за проток на водата и претставува брана. Дека коритото мора да се исчисти од нив.
Во 2018 година Град Скопје во соработка со УНДП изработија и студија за намалување на ризикот од поплави во Скопје, во која беше посочено дека мостовите и бродовите во Вардар за третина ја намалиле проточноста на реката.
„Регулираното речно корито на Вардар низ централното подрачје, во текот на изминатите неколку години е предмет на архитектонски промени. По 2010 година, изградени се два нови пешачки моста, а еден мост со панорамско тркало е сè уште во градба. Исто така, измените вклучуваат изградба на три статични бродови во речното корито, наменети за разонода. Со оглед на тоа, моментната состојба на речното корито на Вардар во Скопје е видливо изменета од проектните параметри, главно поради големите количини на нанос депониран во речното корито и инфраструктурата што зазема дел од попречниот профил“, стои и во студијата.
Сепак, галиите и натаму се во Вардар. Никако да отпловат. Едната почна да се трга, но така, покроце. Според договорите, последниот брод од Вардар ќе може да се тргне дури во 2035 година, кога истекува последниот договор што екс градоначалникот Коце Трајановски го склучи на 20 години.
Пред да почне проектот „Скопје 2014“ најголема опасност претставувал стариот пешачкиот мост кај Градски парк. За време на поплавата од 1979 година хидроинженерите биле подготвени со експлозив да го кренат во воздух за да не се претвори во брана. Ја исекле оградата за да ги пропушта дрвјата што ги носела водата, а кога водата го прелеала мостот, на неколку места поставиле експлозив и биле подготвени да го притиснат копчето доколку порасне водостојот. За среќа, состојбата не се влошила до тој степен.
Сега брани на Вардар има на секој чекор, а надлежните се загрижуваат само во ретки случаи. Но, и тогаш велат дека сѐ е под контрола. И така, сѐ додека еден ден Вардар не се „разгневи“,па сам да си го исчисти своето корито.