Home » В сабота почнува полагањето на државната матура со тестот од првиот екстерен испит

В сабота почнува полагањето на државната матура со тестот од првиот екстерен испит

by Журнал.мк

Речиси 15 илјади ученици што завршуваат средно образование, оваа сабота ќе го полагаат првиот од двата екстерни испита од државната матура – мајчин јазик и литература. Новина во оваа учебна година е тоа што наместо во училници, тестовите ќе се полагаат во големи простории во училиштата – холовите, училишните спортски сали или во друга голема училишна просторија во која има услови за полагање.

Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), организатор на полагањето на државната матура, за јунската сесија се пријавени 10 088 кандидати за испитот по македонски јазик и литература, 4189 за албански јазик и литература и 315 кандидати за турски јазик и литература.

Вториот (изборен) екстерен испит ќе се полага на 8 јуни. Пријавени се 1356 кандидати за математика, 13 198 за англиски јазик, 37 за француски јазик, 114 за германски јазик, 84 за естетика и по еден кандидат за руски јазик и за филозофија.

Според видот на образование, 6341 матуранти се од гимназии, 8230 од стручно и 263 од уметничко образование.

Испитниот материјал ќе им биде доставен на училиштата утрото во деновите кога ќе биде полагањето, а почетокот на тестирањето за двата испита ќе биде во 10 часот. Полагањето ќе го надгледуваат околу 2000 тестатори – наставници кои се ангажирани во други, а не во своите училишта, како и околу 200 набљудувачи од ДИЦ, Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука и од Центарот за стручно образование и обука.

Во голема просторија ќе има и повеќе тестатори на едно место така што оваа новина ќе овозможи подобра контрола на случувањата во текот на испитот и ќе оневозможи препишувања или масовно споделување на одговори, како што се случи минатата година во група на апликацијата Вибер на испитот по Англиски јазик.

Целта на новиот начин на реализирање на испитите е самостојно решавање на тестот и почитување на правилата за полагање кои постојат од воведувањето на државната матура во 2007 година (не е дозволено: користење какви било дополнителни средства – учебници, хартија, мобилни телефони и други електронски уреди, консултација со другите матуранти, препишување, недолично однесување кон други лица во просторијата, пишување недолични знаци на тестот или текст кој го открива идентитетот и слично).

Директорката на ДИЦ Билјана Михајловска за МИА изјави дека очекува оваа промена да овозможи подобра работна атмосфера во текот на испитот и можност матурантите да го покажат своето објективно знаење, со што резултатите од матурата, како што вели, ќе бидат генерално поверодостојни.

-Апелирам сите да си ја завршат работата – учениците да го покажат своето знаење наместо да се обидуваат да препишуваат, а тестаторите да не дозволат такви обиди. Полагањето во голем простор ќе биде со неколку тестатори, така што и да има некој што се прави дека не гледа што прават учениците, како што се случи лани, ќе има друг тестатор што тоа ќе го види. Набљудувачите што се распоредени во училиштата може да отстранат не само ученик, доколку е прекршен правилникот за полагање на тестовите, туку да отстрани и тестатор кој „замижува“ на нерегуларности, рече Михајловска.

Матурантите кои во јунската сесија нема да ја положат државната матура или не во целост ќе може да се пријават за августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август 2024.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More