8 C
Skopje
Sunday, May 16, 2021

В понеделник се отвораат забавиштата и основните училишта во Грција

Најчитани вести

По позитивната препорака од Комисијата на епидемиолози, Министерството за образование на Грција соопшти дека следниот понеделник ќе се отворат основните училишта, забавиштата, но ќе бидат преземени и дополнителни превентивни мерки за заштита од Ковид-19, јави дописничката на МИА од Атина.

Планирано е воведување на различно време за пристигнување и заминување на учениците и отворање на повеќе од еден влез во училиштата за да се избегне создавање гужва меѓу родителите и старателите.

За просветните работници предвидена е специјална платформа за бесплатно и доброволно тестирање за Ковид-19.

Дополнително, ќе важат и досегашните мерки, како што е задолжителната употреба на маска, редовни дезинфицирања на училиштата и слично.

Министерката за образование на Грција, Ники Керамеос изјави дека училиштата се природната средина на учениците и наставниците, а наставата со физичко присуство е незаменлива.

– Актуелните услови ни дозволуваат постепено да започнеме со отворање на училиштата, врз основа на препораката на експертите, а првиот чекор е со забавиштата и основните училишта, земајќи ги предвид посебните социјални и психичко-емоционалните потреби на малите ученици. Сакаме отворени училишта, сакаме нашите деца и наставниците да бидат во училниците, рече Керамеос.

Средношколците, засега ќе продолжат од петок со онлајн настава а во следниот период ќе се разгледа можноста и тие да се вратат во училишните клупи, додека пак во текот на неделава ќе се соопшти намалување на материјалот за државниот испит за матурантите.

Со воведувањето на карантинот во Грција на 7 ноември, училиштата и забавиштата продолжија со настава, меѓутоа една седмица подоцна и тие беа затворени по препорака на Комисијата на епидемиолози и за да се намали раздвиженоста на возрасните.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести