Home » Утре е историски ден – го избираме првиот премиер Албанец, вели Ахмети

Утре е историски ден – го избираме првиот премиер Албанец, вели Ахмети

by Журнал

Дали треба на нашите внуци да им оставиме европска или проруска Македонија, демократска или диктаторска земја, мир или конфликт, напредок или уназадување, вели Ахмети во видео обраќање.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во видео обраќање вели дека Алабанците сонувале за слобода и еднаквост, но и дека со многу посветеност и верба, целта се постигнува. Тој вели дека верувал во Охридскиот рамковен договор, официјализирање на албанското знаме и јазикот, а верувал и дека Северна Македонија ќе стане дел од НАТО и ќе отвори преговори за членство во Европската Унија.

За лидерот на интегративците, утре е историски ден, оти се избира првиот премиер – Албанец.

„Утре, недела, 28 јануари 2024 година, го избираме првиот премиер Албанец во Република Северна Македонија. Овој ден е историски како за Албанците така и за Македонците и за сите други, бидејќи стануваме рамноправна држава и општество и ги надминуваме сите предрасуди. Заедно, ја преземаме одговорноста да ја водиме државата, не еден по друг, туку рамо до рамо еден до друг, заедно, за европска Македонија“, кажа Ахмети.

Тој смета дека поддршката што ја добил, утре се наградува со еден остварен сон.

„На сите наши граѓани им честитам за ова достигнување и сигурен сум дека нашата земја станува посилна, порамноправна и пообединета. Но, ова не е крајот, ова е само почеток, имаме уште многу работа и соништа за остварување. Денес, имаме потреба да се обединиме, да подадеме рака еден на друг, да ги оставиме настрана нештата што нè разделуваат и да се обединиме околу нештата што нè зближуваат. И пред четири години, но и сега, реков дека ние знаевме како да се обединиме за заеднички цели, кога тоа беше важно и одлучувачко. Она што ќе го направиме утре ќе го дефинира животот на генерациите по нас. Дали треба на нашите внуки и внуци да им оставиме Европска Македонија или проруска Македонија, демократска или диктаторска земја, мир или конфликт, напредок или уназадување?“, вели Ахмети.

Тој повикува на обединување, за како што вели, идните генерации да го жнеат успехот.

„Заедно го избравме првиот албански премиер, ајде заедно да направиме и европска Македонија, верувајќи дека соништата се остваруваат ако верувате и работите. Кога се осмеливме – успеавме, кога сонувавме – остварувавме, кога верувавме – работевме, кога се вети – се оствари!“, заклучува Ахмети.

Вчера Собранието ја констатира оставката на досегашниот спикер, Талат Џафери, по што претседателот на државата Стево Пендаровски му го врачи мандатот за состав на идната влада.

Мандатарот Џафери веќе ги примил сите предлози од политичките партии за министри и дополнителни заменик-министри. Тој денеска до Собранието треба да ги достави составот и програмата на идната техничка влада, со што се отвора патот да се свика собраниска седница за избор на Влада.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More